Alma Dekovic
10 Октомври 2024•Ажурирај: 11 Октомври 2024
ТИРАНА (АА) - Албанскиот премиер Еди Рама денес по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неприкосновено право на Палестинците е да живеат слободно во својата земја, известува Анадолу.
Рама со турскиот претседател разговарал за ситуацијата во Украина, која, како што рече, е централна тема на секој разговор што го имаат. Тие разговарале и за случувањата на Блискиот Исток и израелската војна во Појасот Газа.
„Она што секојдневно се случува во Газа е трагедија од колосални размери. Со претседателот Ердоган делиме исти ставови за руската агресија во Украина, како и за неотуѓивото право на палестинскиот народ слободно да живее во својата земја“, рече Рама.
Рама рече дека Албанија се спротивставува на тероризмот, во која било форма, и дека за него нема место во „мирната иднина што треба да се заснова на постоењето на две суверени држави Израел и Палестина“.
Рама најави дека Албанија ќе добие беспилотни летала камикази од Туркије и рече дека оваа информација никаде не треба да предизвикува загриженост.
„Познато е дека Туркије достигна многу високо ниво на капацитет во воената индустрија. Особено го ценам подарокот на претседателот (Ердоган, заб. на ав.) денес, во ова болно време кога светот направи чуден пресврт, на албанската армија да и подари значителен број беспилотни летала камикази. Тоа е подарок за кој никој не треба да се грижи, кого Албанија ќе гаѓа, туку тоа е подарок што содржи многу јасна порака од Туркије , а тоа е дека Албанија е неранлива“, изјави Рама.
Рама се осврна и на поддршката на турскиот претседател за независноста на Косово, потсетувајќи дека Туркије е една од првите што ја признала таа држава.
„Косово нема поголем пријател од Туркије и претседателот Ердоган“, рече Рама, наведувајќи дека односите меѓу Косово и Србија треба да се подобрат и дека дијалогот мора да продолжи.
За време на посетата на Албанија, Ердоган ќе ја отвори и Големата џамија во Тирана (Намазгах), која ќе ја понесе титулата најголема џамија на Балканот. Џамијата Намазга е изградена со финансиски придонес на турската управа за верски прашања и турската фондација Дијанет (ТДВ).
„Убеден сум дека имате прекрасни џамии во Туркије, но оваа што ќе ја видите денес ќе биде меѓу најубавите џамии изградени во модерното време“, рече Рама.
Турскиот претседател вечерва по Тирана ќе отпатува за Србија, каде утре ќе се состане со српскиот претседател Александар Вучиќ.