Malik Hasa
18 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, во јавно обраќање на приватна телевизија во Албанија коментираше за последните политички случувања во Македонија, истакнувајќи дека се создава незаслужена поделба на Албанците и Македонците таму, пренесува Anadolu Agency (AA).
Албанскиот премиер Рама нагласи дека тоа што се изнесува дека платформата на албанските партии е подготвена во Тирана, и се нарекува „Тиранска платформа“, е целосна шпекулација.
„Лага, политика од најлош вкус, затоа што се создава сосема незаслужена етничка поделба на македонскиот и албанскиот народ, врз основа на една лага“, рече Рама.
Тој истакна дека не е точно оти платформата наречена „Тиранска платформа“ е причина за настанатата состојба и додаде: „Вистината е дека Груевски и неговата партија без да поставуваат услови се согласија со платформата на Тирана и кога не се оствари договореното поради причините кои Груевски ги знае многу добро, тогаш за виновна се посочи платформата на Тирана, која воопшто не е на Тирана, и се создаде поделба со Албанците која е целосно неразумна. Вие не можете да предизвикате етнички конфликт за да владеете. Тоа е само причина за владеење и нема никаква врска со она што се шири. Ова е вистината. Таа што се нарекува платформа на Тирана е само платформа на албанските партии во Македонија кои за првпат го ставија интересот на Албанците пред своите политички интереси и направија многу добра работа“.
Во меѓувреме, на прашањето дали ќе беше подобро ако не ја направеше јавна средбата со албанските партии, Рама, одговори: „Албанија го покажа својот став кон македонската заедница со многу голем доказ. На една малубројна заедница во областа на Корча, им го дадовме името што го посакуваа, Пустец. Им дадовме општина, само за да дадеме јасна порака за соживот како што треба да биде, а од друга страна, не може државотворен народ во Македонија, кој е дел од македонската држава, да се третира како народ од втор ред. Навистина е голема работа тоа што албанските партии го направија, а од друга страна е премногу ниско да се нападне т.н. Тиранска платформа, поттикнувајќи поделба од македонските интереси“.
- „Ние сакаме стабилна и многу силна Македонија“ -
„Сакаме многу стабилна, многу силна и високо развиена Македонија“, рече Рама.
„Македонија ја гледавме со голема почит и восхит дури и во изминатите 10 години, бидејќи навистина стана пример за многу добри работи што беа направени. Сè си има граница и доста со оваа игра со Албанците, доста со оваа игра со т.н. албанска платформа. Вие не можете да играте политички, да го нападнете противникот од иста етничка припадност со наметнување поделба со друга етничка припадност. Ова е многу опасно и јас сум многу загрижен за тоа“, посочи Рама.
„Обединувањето на Албанија и Косово е можно доколку нема европска перспектива“
Албанскиот премиер Рама во интервју за „politico.eu“, пак, говореше за ситуацијата на Балканот, визијата на Европската Унија за перспективата на проширување, истакнувајќи дека е потребно поголемо внимание кон регионот.
На прашањето дали постои опцијата за обединување на Албанија со Косово, Рама, рече: „Не, затоа што единствениот начин да се чува ваквата состојба на мир и соработка на Балканот е да се задржи отворен патот кон членството во ЕУ, да се даде јасна перспектива и да се негуваат позитивни чувства за ЕУ. Никој не би посакувал мали обединувања, секој сака да биде дел од големата унија. Но, ако нема надеж, нема перспективи, тогаш, се разбира, нормално дека може да се случуваат мали обединувања“.
Тој исто така зборуваше и за визијата на Европската Унија во однос на проширувањето, нагласувајќи дека постои недостаток на разбирање или недостаток на визија, за да се разбере дека овој регион има потреба од Европа, но и Европа има потреба од овој регион.
Рама повика на поголемо внимание на ЕУ за регионот.