Malik Hasa
13 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, три месеци пред парламентарните избори ги потврди новите измени во составот на Владата, кои официјално ќе бидат потврдени в понеделник, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рама во своето редовно обраќање на јавноста преку Фејсбук, најави промена на четворица министри, вклучувајќи го и Саимир Тахири, првиот човек на Министерството за внатрешни работи на Албанија, чија работа албанскиот премиер во неколку наврати ја пофали.
Исто така се очекува смена на министерот за здравство Илир Бекај, министерот за социјална заштита Бленди Клоси, како и министерот за локална самоуправа Бледи Чучи.
Сите наведени министри се од редовите на Социјалистичката партија на Рама, а шефот на албанската Влада истакна дека овие промени немаат никаква врска со барањата на опозицијата која од 18 февруари протестира, барајќи од владата на Еди Рама да поднесе оставка и да ја предаде власта на преодната влада којашто земјата ќе ја изведе на избори на 18 јуни.
Како што кажа, откако ќе отстапат од министерските функции, овие политичари својата енергија ќе ја насочат на предизборната кампања и сите обврски која таа сама со себе ги носи.
Сè уште не е познато кои ќе бидат новите министри, а според најавите тоа би можело да се одлучи во текот на состанокот на Социјалистичката партија на Албанија, кој е закажан за денес. Рама во последните три години направи неколку измени во составот на својата влада.