Admir Fazlagic
22 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва на градскиот плоштад во центарот на Скопје група од десетици граѓани организирани од „Народен фронт за одбрана на Македонија", каде членуваат неколку граѓански организации протестираа по повод доаѓањето на министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕијас во посета на Македонија во рамките на која со владините претставници ќе разговара за решавањето на спорот околу името, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓаните кои протестираа, како што велат, се собрале вечерва со цел да му порачаат на грчкиот министер Коѕијас, но и на Владата на Република Македонија дека се против преговорите со Грција за промена на уставното име на Република Македонија.
„Македонија, Македонија...", „Едно име имаме", „Не сакаме промена на нашето име" , беа само дел од паролите кои ги извикуваа собраните граѓани, а по кратко време се разотидоа.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вечерва пристигна на скопскиот аеродром, каде беше пречекан од македонска делегација. Министерот Коѕијас вечерва ќе има работна вечера со неговиот македонски колега, министерот Никола Димитров.
Коѕијас во рамките на посетата во Македонија, утре ќе има средби со министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот Бујар Османи, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицковски.
По средбите во Скопје, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат нова средба на 30 март во главниот австриски град Виена на која ќе биде и посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц.