Bojana Stojanovic
31 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
БЕЛГРАД (АА) - Адвокатите денес во Белград протестираа поради убиството на нивниот колега Драгослав Миша Огњановиќ, барајќи сторителите на ова кривично дело што е можно поскоро да се изведат пред лицето на правдата, и да се преземат мерки со кои адвокатите би биле ефикасно заштитени, јавува Anadolu Agency (AA).
На протестот учествуваа околу стотина адвокати.
Адвокатот Југослав Тинтор истакна дека убиството на Огњановиќ адвокатите го гледаат како чин кој ги премина сите размери.
„Се занимаваме со оваа работа свесни дека носи и одреден ризик, но тој ризик не подразбира кој било, кога било, а особено адвокатите, да може да ги стрела“, рече Тинтор пред насобраните пред Вишиот суд во Белград.
Тој посочи дека реакцијата на адвокатурата да се стапи во седумдневен прекин на работата, е демонстрација кон надлежните органи, но, исто така, и кон граѓаните зошто без адвокатите не може да функционира и не може да се врши правдата.
Тој го изрази очекувањето дека ќе се постигнат конкретни резултати и дека убиецот на Огњановиќ ќе биде изведен пред лицето на правдата.
„Одовде порачувам, адвокатите во Белград да не се плашат, и дека убиството на Огњановиќ не може ништо да смени. Адвокатурата како самостојна и независна професија не може да се поколеба во цврстата решеност да ги штити правата на граѓаните независно од тоа кој се наоѓа на другата страна и од тоа кои ризици ни се закануваат при бавењето со оваа професија“, додаде тој.
Истакна дека во последните десет години имало над 50 напади врз адвокати, како подметнување бомби под автомобили и класични ликвидации.
„Очекувам конкретни резултати, а дали ќе ги има ќе видиме“, наведе Тинтор.
Според неговите зборови, тие имале состанок во Републичкото јавно обвинителство и во Министерството за правда на Србија, на кој е договорено да се формира работно тело што е трајно и системско решение, со задача да се занимава со сите претходни случаи, со убиството на Огњановиќ и со сите идни случаи на напади врз адвокати, како и да се преиспита кривично-правната заштита на адвокатите, и да се преиспита кои измени треба да се направат за да се создадат услови адвокатите да бидат ефикасно заштитени.
Огњановиќ, кој беше во тимот на одбраната на некогашниот претседател на СР Југославија, Слободан Милошевиќ, беше убиен во саботата, а неговиот син е ранет.