Adel Omeragic
08 Август 2018•Ажурирај: 10 Август 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Според најновите информации на црногорската полиција, вкупното количество хашиш, кое на 2 август беше запленето во меѓународна акција, изнесува 20 тони. Вредноста на запленетата дрога се проценува на 65 милиони долари. Тоа денеска, на својата вонредна конференција го соопшти Управата на полицијата на Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Црногорската полиција во соработка со Американската агенција за борба против дрогата (DEA), спречи криумчарење на хашииш од Мароко во Либија. Во операцијата се приведени 11 Црногорци.
Акцијата е изведена на 2 август, а бродот кој ја превезувал дрогата е запрен во италијански територијални води.
„Минатата недела реализиравме меѓународна акција, за која слободно можам да кажам дека потекна од црногорската полиција. Запрен е бродот кој пловеше под панамско знаме. Запленети се 20 тони хашиш, а сите членови на екипажот се приведени. Станува збор за црногорски државјани“, изјави помошникот на директорот на Управата на полицијата на МВР за секторот Криминалистичка полиција, Енис Баковиќ.
Тој изјави дека вредноста на запленетата стока се проценува на 65 милиони евра.
Баковиќ истакна дека приведените лица во акцијата се блиски со криминална група во Црна Гора.
„Оваа акција ја покажува одлучноста на црногорската полиција“, рече Баковиќ.
Тој појасни дека првите информации укажувале дека станува збор за 2 тона хашиш, но по деталниот претрес, утврдено е дека се работи за 20 тони.