Ahmed Muharem
24 Јули 2023•Ажурирај: 26 Јули 2023
ПОДГОРИЦА (АА) - Поранешниот директор на Управата на полицијата на Црна Гора, Веселин Вељовиќ, е приведен во акција на Специјалното полициско одделение (СПО), по налог на државното обвинителство, известува Анадолу.
Вељовиќ е приведен во соработка со Агенцијата на Европската Унија за соработка во спроведувањето на законот (ЕВРОПОЛ). Во акцијата на СПО има и други приведени.
Вељовиќ од 2007 до 2011 година беше директор на Управата на полицијата, а од 30 јули 2018 до 17 декември 2020 година во својот втор мандат беше прв човек на црногорската полиција.
По завршувањето на првиот мандат, Вељовиќ беше советник на тогашниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, за областа безбедност и одбрана, а во времето на Владата на Мило Ѓукановиќ од 2014 година и секретар на Советот за национална безбедност.
Кога во декември 2020 година по разговорот со тогашниот потпретседател на Владата, Дритан Абазовиќ, замина од Управата на полицијата, повторно најде вработување во кабинетот на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ.
Функцијата советник за безбедност и одбрана Вељовиќ ја извршуваше до 20 мај оваа година.