Husamedin Gina
17 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, денес се обрати на најголемата воена вежба во историјата на земјава – „Одлучен удар“, што се одржува на Криволак, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот, претседателот Пендаровски, во своето обраќање на воената вежба истакнал дека колективната одбрана која се остварува преку интероперабилност, интегрирање на конвенционалните и силите за специјални операции на повеќе држави е особено важна за времето во кое живееме.
„Предизвиците со кои се соочува секоја земја се преголеми за да имаме индивидуален пристап. Радикализирани поединци, групи, како и меѓународниот тероризам се постојана закана за нашата безбедност и нашите вредности. Постојат и нови хибридни закани, актери со цел да го нападнат нашиот сајбер простор и со тоа да наштетат на нашиот начин на живот“, нагласи Пендаровски, додавајќи дека вежбата „Одлучен удар“ е доказ дека Армијата може да се справува со безбедносните предизвици и дека е компатибилна со армиите на сојузници од НАТО.
Претседателот Пендаровски, според соопштението од Кабинетот, исто така, нагласил дека како држава се има обврска да се зголемат одбранбениот буџет на 2 % од БДП до 2024 година, и дека таа реална цел ќе се оствари.
„Членството во НАТО е гаранција за нашата безбедност и просперитет и наш придонес кон регионалната и глобалната безбедност“, рече Пендаровски, потсетувајќи дека четири од петте држави кои денеска учествуваат на оваа воена вежба веќе го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Пендаровски, исто така, нагласи дека очекува и другите земји членки да завршат со процесот што поскоро за да може оваа година Северна Македонија да стане 30-та земја членка на најуспешната политичко-воена алијанса.
Во најголемата воена вежба „Одлучен удар“, учествуваат 2700 припадници од шест држави, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора.