Furkan Abdula
01 Февруари 2024•Ажурирај: 02 Февруари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Јован Митрески, денес имаше онлајн средба со претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, на која беа реафирмирани и поздравени решителната поддршка и солидарност на Северна Македонија кон Украина, украинските институции и народ, наспроти бруталната и неоправдана агресија од Русија, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието на Митрески, Стефанчук изрази голема благодарност до Северна Македонија и за поддршката на аспирациите на Украина за членство во НАТО и во ЕУ.
„Тој упати покана до Митрески да се обрати на пригодна седница на украинската Рада по повод годишнината од руската агресија. Заблагодарувајќи се на поканата, претседателот Митрески рече дека тоа е можност и лично да им ја пренесе на Стефанчук и на сите украински пратеници поддршката од Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, се вели во соопштението.
Претседателот Митрески потсети на Декларацијата за осуда на воените напади на Украина што ја донесе овој состав на Собранието на Република Северна Македонија.

Тој посочи дека Северна Македонија е активен учесник на меѓународната Кримска платформа, при што нагласи дека Северна Македонија се приклучи во сите рестриктивни мерки кон Руската Федерација и во сите одлуки во врска со територијалниот интегритет на Украина, поддржувајќи ги и аспирациите на земјата за членство во евроатлантските организации.
„Во Република Северна Македонија внимателно го следиме развојот на состојбата во Украина и континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет и суверенитет, како и за неповредливоста на нејзините граници. И во иднина ќе продолжиме со активна дипломатска, хуманитарна и воена помош за Украина, во рамките на нашите можности и капацитети“, рече Митревски, истакнувајќи ја подготвеноста од македонска страна за поддршка на Украина со искуство и со експертиза во процесот на евроатлантската интеграција.
Митревски нагласи дека во двата последователни мандата е претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Украина. И оваа група, како што рече, е една од најактивните во Собранието, така што уште во февруари 2022 година излезе со изјава во која беше потврдена недвосмислената поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признаени граници.
„Ве уверувам дека Украина во мене има искрен и докажан долгогодишен пријател и поддржувач. И во иднина може да сметате на мојата поддршка во однос на унапредувањето на билатералната соработка меѓу Собранието и Врховната Рада, но и на мултилатерален план“, порача Митрески.
Митрески, исто така, потсети на изложбата „Украина се сеќава, светот признава“, која беше поставена во Собранието на Република Северна Македонија по повод 100-годишнината од Гладоморот. Посочи и дека состојбата во Украина беше на врвот на нашите приоритети како претседавачи со ОБСЕ минатата година. Исто така, Митрески истакна дека за Северна Македонија ќе претставува чест да биде дел од Самитот за мир во Украина.