Elena Trenchevska Chekovikj
20 Декември 2024•Ажурирај: 23 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, денеска прими делегација новинари од Туркије, кои престојуваат во земјата по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Кабинетот на претседателката, на средбата разменети се мислења за општите билатерални односи меѓу двете пријателски земји, за статусот на турската заедница како и за важноста и улогата на новинарството, еден од клучните столбови на демократијата и општествениот развој.
Силјановска-Давкова истакна дека новинарите се рендген, микроскоп и чувари на демократијата, посочувајќи дека поддршката на слободното и објективно новинарство претставува заедничка одговорност.
Говорејќи за мултикултурализмот во земјата, претседателката Давкова рече дека концептот на бинационална држава не е добро решение и дека таканаречените помали заедници, вклучително и турската заедница, треба да имаат поголема улога бидејќи, како што истакна, се клучот за меѓусебното разбирање.
„Фактите се дека турската заедница е доказ дека во континуитет е дел од македонското мултиетничко општество и дека имала, има и треба да има важно место во заедницата, таква каква што имала во 1944 година“, истакна Силјановска-Давкова.
Претставниците на турските медиуми изразија големо задоволство за можноста да се сретнат со претседателката, како и од почитта кон турската етничка заедница во земјава.
Тие изразија благодарност за соработката што ја имаат со медиумите од Северна Македонија и јавниот сервис, што претставува мост за размена на информации, културни вредности, позитивни приказни и промовирање на меѓусебното разбирање.