Zülfiya Yakup
26 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Највисокиот државен врв на Косово и членовите на Преговарачкиот тим на Косово се согласија денес дека Косово мора да говори со еден глас во дијалогот со Србија. По состанокот одржан на повик на претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, кажано е дека државната делегација на Косово е повикана на состанокот на 8 јануари во Брисел, на разговори за идниот тек на дијалогот, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот кај Весели учествуваа претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај, еден од претседавачите со Преговарачкиот тим и лидерот на опозициската Социјалдемократска партија, Шпенд Ахмети, како и други членови од Преговарачкиот тим.
Иако беа повикани, претставниците на пратеничките групи на опозициските партии, Демократскиот сојуз на Косово и Движењето „Самоопределување“, не се појавија на состанокот.
На прес-конференцијата по состанокот, Весели изјави дека состанокот бил многу добар, и нагласи дека Косово е посветено на дијалогот со Србија. Тој укажа на целта на координацијата и единството на косовската страна Србија да го признае Косово, Косово да добие столче во ОН и Косово да има јасна евроатлантска перспектива.
„Се договоривме дека ќе имаме заеднички состаноци, а веќе за утре ги повикавме амбасадорите на земјите на Квинтата и претставниците на ЕУ за да ги информираме и нив за нашето ветување како државна делегација, како институции на Република Косово. На добар пат сме и сигурен сум дека сите треба да бидеме заедно и ќе бидеме заедно како Косово во овој процес“, изјави Весели.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, позитивно ја оцени иницијативата на Весели за одржување на овој состанок со цел подобра координација и постигнување конечен договор Косово - Србија. Тачи изјави дека ова е повик и за оние што не се отповикале на овој процес, да се придружат.
„Процесот го води ЕУ, но Косово и регионот е поразличен по писмото на претседателот на САД, Трамп, кој бараше да преземеме одговорност и ние како Косово. И ние сме сигурни дека таму каде што има совети на САД ќе биде и одлуката на институциите на државата Косово“, изјави Тачи.
Тој истакна дека има доверба оти Преговарачкиот тим на Косово ќе направи добра работа, и изјави дека тој ќе даде свој придонес и силно ќе го поддржи тој тим. Додаде дека Косово не може да ги разочара своите пријатели и партнери во овој историски процес за земјата.
Еден од претседавачите со Преговарачкиот тим, Ахмети, нагласи дека тој бара од денес сите да говорат со еден глас, повеќе да нема поединечни состаноци и процесот да биде транспарентен. Изјави дека иако сè уште нема потполна согласност, верува дека сите ќе ги бранат интересите на Косово.
„Денес не постигнавме полна согласност и не очекувам веднаш да имаме полна согласност, но координираните состаноци на ова ниво имаат за цел барем ние како Косово да постигнеме согласност и кога ќе седнеме наспроти Србија да имаме и наши мандати и одговорности кои ни ги даде Собранието на Косово“, изјави Ахмети.
Тој изјави дека косовската државна делегација е повикана во Брисел на 8 јануари, за да се информираат претставниците на ЕУ што го олеснуваат дијалогот меѓу Косово и Србија за подготовката на косовските платформи, кои се теми за кои треба да се разговара, и за процесот во наредните 3 до 4 месеци, кога се очекуваат интензивни разговори со Република Србија.
Ахмети изјави дека во државната делегација се повикани и другите две опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Самоопределување, и дека и покрај нивното одбивање да бидат дел од делегацијата, ќе бидат, секако, информирани за овој состанок.