Dzihat Aliju
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
СКОПЈЕ
Енес Ибрахим, претседател на Партијата за движење на Турците (ТХП) во Северна Македонија и народен пратеник, гласаше на изборот на „Фотографија на годината“ што го организира Агенција Анадолија (АА).
Пратеникот Ибрахим, откако доби информации за фотографиите од новинарот на АА, во категоријата „Вести“ гласаше за фотографијата на Онур Чобан, под наслов „Нападот на Ерменија врз Ганџа“.
Во категоријата „Живот“, пратеникот Ибрахим ја избра фотографијата на Мухамед Саид за активноста ‘летање‘ на змеј под сенката на прекинот на огнот. Во категоријата „Спорт“, Ибрахим ја избра фотографијата на Ерчин Озтурк, насловена како „Тренирање дома“.
Коментирајќи ја фотографијата што ја избра во категоријата „Вести“, Енес Ибрахим потсети дека стотици илјади Азербејџанци, кои ги смета за сроден народ, мигрирале од Карабах во различни градови на Азербејџан за време на окупацијата на азербејџанските територии од страна на Ерменија, што траела речиси 30 години.
Тој истакна дека по настанатата тензија во септември со прекршувањето на примирјето од страна на Ерменија, Азербејџан презел чекори за враќање на своите територии кои биле успешни.
„За жал, видовме дека од страна на Ерменија беа масакрирани цивилниот народ и нашите граѓани - цивили. Нападот на Ганџа, кој е значаен град за турската историја, беше осуден од страна на нашата партија, од турската заедница и од турскиот свет“, додаде пратеникот Ибрахим.
Наведувајќи дека цивилите не треба да умираат во војни и дека историските артефакти не треба да се уништуваат, Ибрахим истакна дека и војната има свои правила.
„Во овој контекст, мислам дека ерменската администрација, која изврши воени злосторства, треба да одговара пред правдата што е можно поскоро. За среќа, нашите окупирани земји по 30 години преминаа под азербејџанска администрација. Сега веќе Карабах е Азербејџан, Азербејџан е Карабах.“
За фотографијата во категоријата „Живот“, што ја опиша како импресивна, Ибрахим рече дека децата и жените се најмногу погодени од војните и повика децата повеќе да не бидат под влијание на војните.
Во однос на фотографијата во категоријата „Спорт“, тој потсети дека поради епидемијата од новиот вид коронавирус (Ковид-19) во 2020 година се појавија здравствени и социо-економски проблеми како во земјата, така и низ целиот свет.
Потсетувајќи дека полицискиот час за време на епидемијата е воведен во согласност со преземените мерки, Ибрахим рече: „Правилен пристап е да се спортува додека седите дома. Спортот значи здравје. Затоа, без разлика на тоа кои се условите, не треба да се откажуваме од спортувањето.“