Admir Fazlagikj
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Почина лицето И.А.С од Пакистан, кое илегално влезе во Македонија, а беше нападнато на 16.2.2017 година, на автопатот Скопје – Куманово (во близина на с. Бунарџик), пренесува Anadolu Agency (AA).
Информацијата ја потврди Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кое соопшти дека почина едно од двете лица нападнати на 16.2.2017 година.
„Во врска со настанот ‘разбојништво’ на 25.2.2017 година, од страна на лекар од Клиниката за неврохирургија при Клиничкиот центар – Скопје, пријавено е дека повредениот И.А.С. починал“, соопштија од МВР.
Лицето И.А.С, државјанин од Пакистан, кое е едно од двете лица од Пакистан кои илегално влегле во Македонија, а според известувањето на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија на 16.2. 2017 година, во 00.30 часот телефонски во ЕИК Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово (во близина на с. Бунарџик) има две лица со повреди на главата и на телото.
Полициски службеници излегле на местото и ги пронашле И.А.С. и Ф.К.А., државјани на Пакистан, кои илегално влегле во Македонија. Според нивното кажување, на мостот за с. Бунарџик, од страна на пет непознати лица биле нападнати со палки и со железни шипки, по што им биле одземени парите.
Според соопштението на МВР, И.А.С. бил во неконтактибилна состојба и заедно со Ф.К.А., биле пренесени во Медицински центар Скопје, каде што им биле констатирани тешки телесни повреди.
Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.