Admir Fazlagic
18 Август 2017•Ажурирај: 19 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на 25. годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија (АРМ) на почетокот на централната прослава вечерва традиционално беше извршена почесна артилериска стрелба, 10 артилериски плотуни во чест на денешниот „Ден на Армијата - 18 Август", јавува Anadolu Agency (AA).
Централната свеченост по повод Денот на Армијата се одржува вечерва во Градскиот парк, на која присуствуваат претставници од државни институции, локални самоуправи, амбасади, граѓански здруженија и други.
На свеченоста ќе се обратат претседателот Ѓорге Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по што ќе бидат одликувани командата за обука и доктрини, баталјонот за почести и четвртиот механизиран пешадиски баталјон од првата механизирана пешадиска бригада.
Претходно денеска, на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ со постројување на припадниците и вработените во Министерството за одбрана и АРМ свечено се одбележа Јубилејот - 25 години Армија на Република Македонија.
По повод денешниот ден, министерката Шекеринска се обрати пред присутните при што истакна: „Оние кои ја носат униформата на Армијата на Република Македонија, оние кои нашата безбедност ја превземаат како нивна одговорност, оние кои по службена должност и нивните животи се подготвени да ги ризикуваат за нашите вредности, токму на нив како министерка за одбрана и како граѓанин, им оддавам почит и им искажувам искрена благодарност“.
Во своето обраќање пред присутните министерката Шекеринска додаде дека во сите изминати години, припадниците на Армијата на Република Македонија биле со граѓаните кога било најтешко. Таа упати уверување кон сите војници и старешини кои учествуваа во гаснењето на пожарите дека ќе бидат и парично наградени.
На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на Народноослободителната војска (НОВ) на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.