Adel Omeragic
04 Октомври 2019•Ажурирај: 05 Октомври 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ќе продолжат да ја поддржуваат Црна Гора на патот кон Европската Унија (ЕУ), порача американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој престојуваше во официјална посета на Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со претседателот и со премиерот на Црна Гора, тој рече дека ова е прва посета на Црна Гора од нејзината независност и дека затоа претставува историска посета.
„Во име на американскиот народ, со гордост можам да кажам дека САД ќе продолжат да стојат покрај Црна Гора како партнер и сојузник“, рече Помпео на прес-конференцијата по средбата со премиерот Душко Марковиќ.
Американскиот претставник изјави дека САД ја гледаат Црна Гора како лидер во регионалните напори за искоренување на корупцијата и гарантирање на слободата на медиумите. Помпео рече дека американските дипломати во Црна Гора се фокусирани на таа задача.
„Тие ќе ви помогнат да дојдете до резултатите. Годинава ја запознав Оливера Лакиќ, новинарка која беше застрелана во ногата за известувањето за шверцот со цигари“, рече тој.
Помпео истакна дека ваквите напади врз новинарите се напади врз демократијата и заедничките принципи на НАТО сојузот и дека извршителите мора да одговараат.
Тој истакна и дека над 50 американски компании работат во Црна Гора и дека САД сакаат тој број да биде поголем.
Американскиот државен секретар ја искористи можноста да ѝ честита на Црна Гора за пристапувањето во НАТО соузот.
„На добар пат сте да ја исполните вашата обврска за 2 процента за одбраната, и ви благодарам за тоа“, рече Помпео.
Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, истакна дека оваа посета е уште еден доказ за одличните односи меѓу двете земји и знак дека САД го ценат сојузништвото и конструктивната улога на Црна Гора во регионот и пошироко.
Марковиќ порача дека со оглед на тоа што Помпео патува од Црна Гора за Северна Македонија, неговата посета е и знак на посветеноста на САД кон регионот, на неговиот просперитет, стабилноста и безбедноста.
„Многу ја ценам целосната поддршка што Помпео ја покажа кон Црна Гора во европските интеграции, и пофалбите на сметка на нејзиниот напредок во реформите, благодарение на кои стана членка на НАТО и прва земја во редот за членство во ЕУ“, рече црногорскиот премиер.
Тој порача дека Црна Гора ќе ги продолжи реформите со ненамалено темпо во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и заштитата на слободата на медиумите.
„Прво, се разбира, заради нас, а потоа и заради самата интеграција“, истакна Марковиќ, додавајќи дека Црна Гора ќе ја продолжи и својата силна борба против трговијата со луѓе.
Тој рече дека добиле уверување дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат црногорските институции во зајакнувањето на потенцијалот, за поинтензивна борба против сите форми на организиран криминал, како и во зајакнувањето на владеењето на правото.
Особено, како што наведе, е важно тоа што САД ја поддржуваат европската и евроатлантската интеграција на регионот во целина, во согласност со индивидуалните заслуги.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, денеска беше примен и од црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ. Помпео на средбата истакнал дека црногорската нација е мала, но дека дава огромен придонес.
Посетата на американскиот државен секретар беше проследена со високи безбедносни мерки во целиот град.
По Црна Гора, Помпео отпатува во официјална посета на Северна Македонија каде што ќе оствари средби со државниот врв на земјата.