Seyyid Emin
02 Октомври 2020•Ажурирај: 04 Октомври 2020
СКОПЈЕ (AA) - Турската агенција за соработка и координација (TİKA) обезбеди пунктови за дезинфекција и бесконтактни топломери за основните училишта во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соработка со ТИКА и Министерството за образование и наука на Северна Македонија, денеска во Основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“ се одржа свечено предавање на пунктовите за дезинфекција и бесконтактните топломери.
На церемонијата учествуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, министерката за образование и наука на Северна Македонија, Мила Царовска, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, претседателот на Сојузот на турските невладини оганизации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин и директорот на Основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“, Енис Мехмети.
Министерката за образование и наука, Царовска, во изјавата за медиумите рече дека на вториот ден од новата учебна година се испитува како се имплементираат здравствените протоколи во училиштата, колку наставниците се задоволни од процесот и како се одвива наставата на интернет-платформата.
„Голема благодарност до Република Турција и до ТИКА за донацијата од 400 бесконтактни топломери и 400 пунктови за дезинфекција. Со оваа донација навистина се помага на училиштата во одржувањето и спроведувањето на протоколите коишто се дадени како здравствена насока за да може да се одржи нивото на епидемиолошката состојба каква што ни е денес. Навистина сметам дека ваквите донации се значајни за општините и за училиштата и се надевам дека и во наредниот период ќе се случуваат“, нагласи министерката Царовска.
Царовска рече дека се надева дека оваа соработка ќе биде континуирана.
Амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, рече дека Турција секогаш ја потенцирала потребата од глобалната соработка во борбата против епидемијата.
Истакнувајќи дека неизвесноста со епидемијата продолжува, амбасадорот Секизќок рече дека е многу важно придржувањето на правилата за носење маска, лична хигиена и физичко растојание.
Секизќок исто така додаде дека ТИКА дистрибуирала хигиенски средства во борбата против епидемијата во Северна Македонија.
Тој истакна дека се испратени заштитни медицински материјали низ целиот свет, вклучително и во Северна Македонија, со која Турција има историски врски.
„ТИКА ќе ги поддржи хигиенските потреби на децата и младите преку проектот за здраво и одржливо образование што го започна денеска во Северна Македонија. Со пунктовите за дезинфекција и бесконтактните термометри што ги испорачува ТИКА, се очекува учениците да го продолжат своето образование под хигиенски и побезбедни услови. Турција ќе ја продолжи солидарноста со Северна Македонија во борбата против епидемијата“, нагласи турскиот амбасадор.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Согут, рече дека со пријателска Северна Македонија соработуваат во многу области како што се образованието, здравството, земјоделството и сточарството.
Согут, заблагодарувајќи се на сите што придонесоа за овој проект, рече: „Со почетокот на учебната година ги испорачавме пунктовите за дезинфекција и бесконтактните термометри за нашите деца да се здобијат со образование во подобри здравствени услови и дадовме поддршка да се испорачаат до сите училишта.“
Градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, заблагодарувајќи ѝ се на ТИКА за помошта, рече дека се надева во тоа дека и во наредниот период ќе продолжат ваквите донации што ќе придонесат за образованието на учениците.
Енис Мехмети, директорот на Основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“, за помошта за хигиената на децата рече дека е значаен проект.
Учениците кои ќе ја следат наставата во училиштата ќе мора да ги почитуваат правилата за носење маска, физичка дистанца и хигиена.