САРАЕВО (AA) - Во рамките на манифестацијата Денови на Институтот за јазик на Универзитетот во Сараво денеска во Бошњачкиот институт е одржана јавна трибина „Босанско-македонски културни и јазични врски“ со претставување на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, рече дека ова е прва посета во Сараево на Институтот за македонски јазик од Скопје, во последните три децении. Таа истакна дека ова е возвратна посета на Институтот за македонски јазик, по посетата на колегите од Сараево на Деновите на Институтот за македонски јазик кога институтот организираше Ден на босанскиот јазик во Македонија.
„Соработката планираме да ја продлабочуваме со првата македонско-босанска, босанско-македонска научна конференција, и се проговори денеска кај ректорот на Универзитетот во Сараево за потребата од отворање Лекторат за македонски јазик овде во Сараево, и еден лекторат во Скопје со наши колеги од Сараево. Тоа би било едно одлично продлабочување и зближување на народите на овие простори“, рече Јованова-Грујовска.
Таа информираше дека нивните колеги од Институтот за босански јазик во Сараево им овозможиле да ги претстават изданијата на Институтот за македонски јазик.
Во рамките на посетата, Јованова Грујовска посочи дека претставниците од Институтот за македонски јазик ќе зборуваат за постдипломските студии, како и тоа дека таа ќе говори за почетоците за работата на Институтот за македонски јазик и за поставеноста на овој институт во петте области од јазикот.
Јованова-Грујовска нагласи и дека Институтот за македонски јазик е моделот според кој е пресликан Институтот за јазици во Сараево.
„Институтот за јазици од Сараево пред 46 години е формиран според моделот на Иститутот за македонски јазик, тогашните директори разговарале и моделот на Институтот за македонски јазик е пресликан во моделот за Институтот за јазици во Сараево“, рече Јованова-Грујовска.
Вршителот на должноста амбасадор на Р. Македонија во Босна и Херцеговина, Александар Крстевски, изјави дека двете земји на полето на пријателството и меѓусебното почитување имаат многу простор соработката да ја подигнат на уште повисоко ниво.
„Исклучително ме израдува дека конечно во БиХ ќе се отвори Лекторат за македонски јазик. Тоа ќе биде основа за познанства на нови интелектуални, научни размислувања и истражувања. Веруваме дека доколку се движиме кон таа идеја и цел, тоа и ќе го оствариме“, рече Крстевски.
На трибината се говореше за предизвиците на јужната славистика и за босанско-македонските културни и јазични врски.
За врските помеѓу БиХ и Македонија во средниот век говореше Елма Рамиќ-Куниќ, стручен соработник на Институтот за јазици, која рече дека старословенскиот јазик, како прв пишан јазик на сите Славени (Славена), одигра значајна улога за сите славенски јазици.
„Старословенскиот јазик е база на сите славенски јазици и нивната заедничка поврзаност. Тоа е доволна причина да не се зборува за врските помеѓу босанската редакција на старославенскиот јазик и македонската и сите останати редакции кои меѓусебно се поврзани", рече Рамиќ-Куниќ.
Кога станува збор за врските помеѓу БиХ и Македонија во среден век, Рамиќ-Куниќ истакна дека ракописите кои настанале во рамките на босанската Црква имаат заеднички исходи во ракописите на Охридската книжевна школа, најстарата образовна институција на подрачјето на Македонија.
„Истражувањата покажаа дека босанските текстови се најблиски до текстовите на македонската редакција, односно Охридската книжевна школа по својата архаичност, посебно лексичкото ниво", рече Рамиќ-Куниќ.
Ален Калајџија, директор на Институтот за јазик при Универзитетот во Сараево, рече дека таа институција веќе 40 години соработува со колегите од Скопје, но дека врските одредено време биле прекинати.
„Од минатата година почнавме многу активно да соработуваме, во ноември во соработка со Институтот за македонски јазик организиравме Ден на босанскиот јазик во Македонија, на 15 ноември. Денеска имавме можност да се запознаеме со наставниците кои предаваат босански јазик во Македонија, а пред неколку дена добивме информација дека босанскиот јазик официјално влегол во образовниот систем во Македонија и дека на тој јазик ќе се изведува настава не само на тој предмет, туку и на останатите предмети, кои ќе се слушааат на босански јазик“, рече Калајџијa.
Додаде дека ректорот на Универзитетот во Сараево, Рифат Шкријељ, денес во текот на разговорот дал полна поддршка за основање на Лекторат на македонски јазик на Универзитетот во Сараево, додека Институтот за јазик предложил отворање на Лекторат за босански јазик во Македонија.
Во рамките на манифестацијата Денови на Институтот за јазик, кој на 4 март одбележа 46. годишнина од основањето, утре ќе се одржи трибина „Црногорскиот јазик и современата монтенегристика“.
Институтот, во рамките на манифестацијата ги промовираше своите изданија во неколку босанско-херцеговски градови, додека утре ќе се одржи трибина на тема „Босанскиот јазик и босанско-херцеговскиот општествено-политички контекст“, како и предавање за учениците од основните и средните училишта.
Гостување на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирковќ од Скопје и Факултетот за црногорски јазик и книжевност од Цетиње, е резултат на минатогодишните посети на претставниците на Институтот за јазик во Црна Гора и Македонија, и има за цел воспоставување на цврста соработка, формализирање на таа соработка и договор за евентуални заеднички проекти во иднина.