Samir Kajosevic
27 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Собранието на Црна Гора го усвои Законот за слобода на вероисповед, откако полицијата од пленарната сала насила ги изведе пратениците на Демократскиот фронт (DF), јавува Агенција Анадолија (АА).
За Законот гласаа пратениците на владејачката коалиција и Социјалдемократската партија, додека пратениците од остатокот од опозицијата беа надвор од салата. Парламентот претходно одби 120 амандмани на Демократскиот фронт.
Имено, претходно во пленарната сала дојде до инцидент поради кое припадниците на обезбедувањето насила ги изведоа пратениците на Демократскиот фронт од салата.
Откако владата одби три амандмани, пратениците на Демократскиот фронт фрлија петарда во салата, по што внатре влегоа припадниците на обезбедувањето.
Тогаш дојде до вербална конфронтација со претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ и обид за физичка пресметка со одредени пратеници.
Пратеникот на Социјалдемократската партија, Ранко Кривокапиќ, беше удрен во шише по главата, додека пратеникот на Демократскиот фронт, Милун Зоговиќ, го гаѓаше претседателот на Парламентот, Иван Брајовиќ.
Пратениците потоа беа спроведени во Центарот за безбедност во Подгорица.
Брајовиќ по инцидентот изјави дека Владата покажала желба за компромис и го осуди инцидентот во Парламентот.
Тој истакна дека Црна Гора е организирана држава и дека се блокираат нејзините институции.
„Одговорност треба да сносат оние што направија такви сцени. Државата покажа дека може да биде трпелива, но одлучна“, рече тој.
Брајовиќ исто така рече дека на пратениците на Демократскиот фронт им изрекол казнена мерка за оддалечување од Парламентот.
Во своето обраќање во Парламентот, Кривокапиќ изјави дека инцидентот не оди во корист на оние кои ја сакаат Црна Гора.
„Ова е шешелизација и тоа е она што го гледавме во 1990-тите. Ова не е добро и треба да се вратиме кон дијалогот“, рече тој.