Adel Omeragic
08 Април 2021•Ажурирај: 09 Април 2021
ПОДГОРИЦА
Повеќе стотици граѓани се собраа денеска пред седиштето на Владата на Црна Гора во Подгорица, протестирајќи поради најавената намера на Владата да ги спушти критериумите за добивање црногорско државјанство, но и поради најавата за бришење од избирачкиот список на повеќе десетици илјади државјани на Црна Гора, кои живеат во странство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Собирањето на граѓаните почна пред 11 часот, во пресрет на почетокот на владината седница. Собраните граѓани скандираа „Владата не е наша“, „Овие денови ќе ја браниме Црна Гора од душманите", со навредливи пораки упатени кон членовите на извршната власт.
Граѓаните носат државни знамиња на Црна Гора, а протестот го обезбедуваат голем број припадници на полицијата.
Според претходна најава, Владата требаше на седницата да ја разгледа измената на Одлуката за критериумите за стекнување црногорско државјанство со која би било овозможено државјанство на Црна Гора да стекнат и лица кои имаат дозвола за привремен престој во државата. Меѓутоа, во предлогот на дневниот ред за денешната седница на Владата, таа точка е изоставена.
Досега за црногорско државјанство можеа да аплицираат само лица на кои им е одобрен постојан престој во Црна Гора. Поради фактот дека Црна Гора има мал број жители, околу 620.000, стекнувањето државјанство е многу рестриктивно, а не е дозволено ниту поседување двојно државјанство, освен во исклучителни случаи.
На најавата од Владата на Црна Гора дека ќе се либерализира стекнувањето на црногорско државјанство, реагираа сите опозициски партии со оценка дека Владата има намера во црногорското државјанство и избирачкиот список да воведе повеќе илјадници лица по потекло од Србија, Босна и Херцеговина и Русија, со што би се спровел, како што наведоа, „етнички, демографски и изборен инженеринг“.
Некои проценки говорат дека, со измената на Одлуката за критериумите за стекнување државјанство, помеѓу 13.000 до 15.000.000 лица веднаш стекнаа услов за црногорско државјанство, додека со тек на време тој услов го исполнија уште 20.000 граѓани кои се по потекло главно од Србија, Босна и Херцеговина и Русија.
Со измените на критериумите за стекнување црногорско државјанство, Владата упати повик за јавна расправа за Законот за регистри за престој во кои привремено вработените во странство би се бришеле од регистарот на престојувалиштето, а во согласност со тоа и од избирачкиот список.
Со овие промени на предлог на Владата ќе одлучува Собранието, со оглед на тоа дека се работи за закон.
Пратеникот од Бошњачката партија, Ервин Ибрахимовиќ, во изјава за АА рече дека е неприфатливо Црна Гора да сака да се откаже од своите граѓани кои се на привремена работа во странство.
„Нашите луѓе во дијаспората се најдобрите амбасадори на Црна Гора, тие први доаѓаат во помош кога ни е најпотребно. И сега некој се сетил дека сите треба да ги избрише од избирачкиот список. Ние не се согласуваме со тоа, ќе ја известиме меѓународната заедница за ваквите најави на Владата“, рече Ибрахимовиќ.
Црногорската јавност засега манипулира со бројка од 40.000 црногорски државјани од дијаспората кои со губењето на престојувалиштето би го изгубиле и правото на гласање.