Ihvan Radoykov
09 Април 2021•Ажурирај: 10 Април 2021
СОФИЈА
Централната изборна комисија на Бугарија ги објави конечните резултати од парламентарните избори одржани на 4 април. Комисијата објави дека излезноста на изборите изнесувала 49,1 %, известува Агенција Анадолија (АА).
Според конечните резултати, во бугарскиот Парламент кој брои 240 места, партијата Граѓани за европски развој на Бугарија на актуелниот премиер Бојко Борисов освоила 75 пратенички места, а партијата Има таков народ на бугарскиот шоумен Слави Трифонов освои 51 место.
Бугарската социјалистичка партија која има комунистички корени и е проруски настроена, во Парламентот ќе има 43 свои претставници, додека партијата Движење за права и слободи, во која мнозинството членови имаат турско потекло, во бугарскиот Парламент ќе има 30 претставници.
Десничарската партија Демократска Бугарија, која е предводник на протестите против премиерот Борисов, во Парламентот ќе биде застапена со 27 пратеници, додека левоориентираната Исправи се! Мафијата надвор!, има 14 пратеници.
Според извештајот на Централната изборна комисија, на изборите правото на глас го искористиле 3.334.283 од 6.789.605 гласачи регистрирани во земјата.
Според објавените податоци, партијата Граѓани за европски развој на Бугарија освои 31,25 %, партијата Има таков народ - 21,5 %, Бугарската социјалистичка партија освои 17,92 %, Движење за права и слободи освои 12,50 %, Демократска Бугарија - 11,25 % и Исправи се! Мафијата надвор! - 5,83 %.
Конечните резултати покажаа дека ниту една партија нема да може самостојно да формира влада. На новата Влада, за да може да ја добие довербата на бугарскиот Парламент, потребни ѝ се најмалку 121 пратенички глас.
- Премиерот Бојко Борисов се откажа од пратеничкото место
Премиерот Бојко Борисов, кој ги прекина односите со бугарските медиуми кон средината на 2020 по појавата на обвинувањата за неговата поврзаност со мафијата што предизвика народни протести во земјата кои сѐ уште траат, без да ги чека официјалните резултати од изборите, соопшти дека го напуштил членството во Парламентот, т.е. се откажува од пратеничкиот мандат.
Изјавувајќи „Не ми е потребен оклоп на имунитет“, Борисов најави дека знае оти нема да ја добие поддршката од другите партии претставени во Парламентот при гласањето на довербаи и владата што ќе ја формира во име на неговата партија, која има најголем број пратеници, нема да помине пред Парламентот.
Борисов тврди дека главната одговорност за создавање кабинет му припаѓа на бугарскиот шоумен Трифонов, кој ја има втората по големина пратеничка група во Парламентот, до која дојде без кампања, без претставување на политичката платформа, само со неговата лична харизма.
Од друга страна, Трифонов се повлекол во карантин со образложение дека имал симптоми на новиот вид коронавирус (Ковид-19). Трифонов, во својата писмена изјава што ја објави на социјалните мрежи, вели дека неговата партија ќе ги почитува законските процедури.
Централната изборна комисија на Бугарија соопшти дека до 11 април чека информации од политичките партии за да ги објави имињата на новите членови на Парламентот.
На првата седница по формирањето на бугарскиот Парламент, претседателот Румен Радев ќе го формира претседателскиот совет и според Уставот на земјата, мандатот за формирање Влада ќе ѝ го даде на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија, која е политичка партија со најголем број пратеници.