Samir Kajoševic
26 Декември 2019•Ажурирај: 27 Декември 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Припадници на Српската православна црква (СПЦ) одржаа литургија пред полицискиот кордон во центарот на Подгорица, откако им беше забрането да се приближат до зградата на Парламентот на Црна Гора, кој денеска започнува расправа по Предлог-законот на Владата за слобода на вероисповед, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тие побараа да им се дозволи да дојдат до стариот град во Подгорица за да одржат молебен. Полицијата им порача дека не можат да поминат затоа што собирот не е пријавен.
Протојереј Предраг Шчепановиќ изјави дека тие само сакаат да се помолат.
„Не сакаме инциденти, туку само да се помолиме. Ќе одржиме молебен пред полицијата ако не можеме да поминеме“, рече тој.
Повеќе стотици свештеници одржуваа молебен додека пред нив стоеја полициските сили.
Собирот се одржува без инциденти.
СПЦ и дел од јавноста се спротивставуваат на одредбата на споменатиот Предлог-закон, според кој, сите верски објекти што биле во сопственост на државата Црна Гора пред губењето на нејзината независност и припојувањето кон Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во 1918 година, а кои подоцна не преминале на соодветен правен начин во сопственост на некоја верска заедница, ќе станат државен имот.
Челниците на СПЦ сметаат дека Владата преку оваа законска одредба сака да го преземе имотот, додека од Владата порачаа дека законот е во согласност со сите демократски стандарди, како и дека со него сакаат да го втемелат културниот и граѓанскиот идентитет на Црна Гора.