Vesna Besic
19 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Сметам дека постои висок степен на усогласеност меѓу двете држави за тоа како би требало да изгледа границата, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, по средбата со словенечкиот премиер Миро Церар, која по долго време се одржа во Загреб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мило ми е што денес, како две пријателски држави, два пријателски народи, имавме можност уште еднаш силно да потенцираме колку нешта ги поврзуваат Хрватска и Словенија, двете држави и двата народа кои преку нивната повеќевековна историја никогаш немале ниту правен проблем ниту пак некој друг конфликт“, рече Пленковиќ.
Тој посочи дека станува збор за две земји кои се сојузници во Северноатланскиот сојуз, кои се партнери во рамките на ЕУ и кои сакаат на отворен, зрел и добрососедски начин да ги решаваат отворените прашања.
Денес, премиерите разговараа за голем број теми, меѓу кои и политичката рамка на дијалогот, унапредувањето на економската соработка, положбата на малцинствата, како и прашањето за границата, кое за Хрватска, според Пленковиќ, е отворено прашање.
„Постоеа различни начини и обиди за тоа прашање да се постигне договор. Последниот таков обид беше во 2009 година, преку договорот за арбитража, од кој Хрватска излезе во 2015 година, поради причини кои се повеќе од познати. За Хрватска, прашањето за границата е на маса, сакаме да го решиме. Сметаме дека факт оти арбитражната одлука, која за Хрватска не е обврзувачка, се уважува единствено од основните начела од годините учество на хрватскиот правен тим во процесот, а тоа е пред сѐ начелото за катастарската граница“, рече Пленковиќ.
Од таа страна, Хрватска ѝ сугерирала на Словенија правна рамка која би можела да биде темел за изнаоѓање на решенија и постигнување договор за заемно прифатлива граница и на копно и на море.
„Сметам дека постои висок степен на усогласеност меѓу двете земји за тоа како би требало да изгледа границата. Ние сакаме дијалогот што го водевме денес, а и во Љубљана пред половина година, и низ средбите кои ги имавме во изминатите неколку месеци, да продолжиме, да продолжат нашите експерти“, истакна хрватскиот премиер.
Миро Церар рече дека Словенија апсолутно ја почитува арбитражната одлука и смета дека оваа одлука е обврзувачка за двете држави.
„Во Загреб дојдов денес, пред сѐ, со цел јасно да се зборува за тоа, бидејќи тоа за двете земји во овој момент е многу важна работа, бидејќи сите знаеме дека на 29 декември ќе истече крајниот рок за подготовка за спроведување на арбитражната одлука. Словенија апсолутно ја почитува и смета дека таа одлука е обврзувачка за двете држави. Единствен правен пат, патот преку арбитражниот договор би бил оној вистискиот пат за постигнување и на некое обврзително решение кое е единствено можно решение за двете земји“, изјави Церар.
Како што рече, Словенија настојува да ги негува добрососедските односи.
„Лично верувам и убеден сум дека владеењето на правото и почитувањето на правната држава е цивилизациска норма. Денес, колегата Пленковиќ уште еднаш го известив дека Словенија единствениот можен пат го гледа во почитувањето на арбитражната одлука, да ја извршиме, значи, заеднички да ја имплементираме таму каде што е потребна соработка и така да го решиме тој граничен спор. Арбитражната одлука е неделива целина, постојат отворени прашање за границата и како таква целина треба да ја почитуваме“, изјави Церар.
Според него, таа има две различни димензии, една е на море, каде што Арбитражниот суд стави многу јасна линија, додека ситуацијата е сосема поинаква на копнениот дел од границата, каде што е потребно да се формира мешовита комисија за спроведување на маркацијата на граничната линија.
„Словенија не сака, како што не сакаше ни досега, да поттикнува какви било инциденти на море или на друго место долж границата. Важно е нормално да се разбираме, режимот на границата да е нормален и луѓето да се во пријателски контакти. Словенија нема да поттикнува никакви инциденти, дури и по истекот на подготвителниот рок“, додаде Церар.
Церар во Загреб требаше да допатува уште на 27 септември, но посетата е откажана по говорот на Пленковиќ во Генералното собрание на ОН каде што рече дека Хрватска не ја признава контаминираната арбитражна одлука за границата.
Двете страни денес во Загреб се обидоа да ги приближат спротивните ставови во решавањето на граничниот спор.