Furkan Abdula
15 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Косово, во Приштина оствари средба со премиерот на Косово, Албин Курти, пренесува Агенција Анадолија (АА.
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Пендаровски и Курти на средбата оцениле дека односите меѓу двете држави се пријателски и конструктивни и во тој контекст го реафирмирале интересот за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Пендаровски изрази задоволство од динамиката на контакти меѓу владите на двете држави, подвлекувајќи дека таа придонесува кон градењето на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово.
„На средбата беше изразено задоволство од досегашните економски релации и соработка меѓу двете држави и беа разменети мислења во однос на можностите за нивно натамошно унапредување. Во оваа смисла, претседателот Пендаровски посочи дека инфраструктурното поврзување и соработка во доменот на енергетиката, инвестициите и туризмот би требало да бидат во фокусот на двете држави во претстојниот период“, се вели во соопштението.
„Во разговорот, претседателот Пендаровски ја повтори поддршката за евроатлантските аспирации на Косово и нашата подготвеност за давање придонес во таа насока, оценувајќи дека како членка на НАТО, Република Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата“, се нагласува во ова соопштение.
Покрај ова, соговорниците разменија мислења и во однос на дијалогот Белград - Приштина, при што претседателот Пендаровски го реафирмира ставот дека Северна Македонија ги поддржува напорите на своите сојузници и партнери во насока на постигнување заемно прифатливо решение, кое ќе придонесе кон зацврстување на мирот и регионалната стабилност и кое ќе обезбеди можности за натамошен просперитет на целиот регион.