Балкан, Коронавирус

Пендаровски: Се надевам дека ќе ги добиеме потребните респиратори

- Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека е во дневна комуникација со кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изразувајќи надеж дека ќе се најде решение

Abdula Berisha  | 31.03.2020 - Обновена : 02.04.2020
Пендаровски: Се надевам дека ќе ги добиеме потребните респиратори

СКОПЈЕ

По состанокот на Советот за безбедност на Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски изрази надеж дека Република Северна Македонија земја ќе може да ги обезбеди респираторите кои се во Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).

Одговарајќи на новинарско прашање за респираторите најавени како донација од Кина и испораките на други респиратори, претседателот Пендаровски рече дека постои проблем за кој бил информиран пред неколку дена.

Тој рече дека „за жал, нашата пријателска Турција од познати причини воведе ембарго на било каков извоз на респиратори“, објаснувајќи дека станува збор за норвешка донација која била пред реализација.

Пендаровски истакна дека е во дневна комуникација со кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изразувајќи надеж дека ќе се најде решение.

„До овој момент немаме решение за тој проблем, но се надевам дека ќе изнајдеме. Се разбира ќе продолжиме со дипломатските напори да се одблокира таа помош која е за нас голема, иако можеби за Турција или за некоја друга поголема држава, не е толку голема. За нас е значајна и се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај нашите турски партнери и пријатели“, рече Пендаровски.

Како дел од преземените мерки за борба против новиот коронавирус, Турција го прекина извозот на медицинска опрема кон средината на месец март.

Покрај тоа, здравствените власти на Северна Македонија претходно побараа донација од 200 респиратори од Кина, но поради големата побарувачка, точниот број на респиратори што треба да дојдат како кинеска донација сѐ уште не е познат.

Пендаровски исто така информираше дека на состанокот на Советот за безбедност се разговарало за тековните мерки и нивните резултати, додавајќи дека ќе има и други состаноци на кои ќе се разговара за евентуалното продолжување на вонредната состојба.

Потсетуваме дека на 18 март, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, прогласи 30-дневна вонредна состојба низ целата земја, со цел олеснување во борбата против ширењето на новиот тип на коронавирус.

Според последните информации објавени од Министерството за здравство на Северна Македонија, во земјата се регистрирани вкупно 329 случаи на КОВИД-19, вклучувајќи 9 смртни случаи, а 12 пациенти се излекувани од оваа болест.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.