Furkan Abdula
24 Јули 2020•Ажурирај: 25 Јули 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари видеоразговор со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот помеѓу Белград и Приштина и за други прашања за Западен Балкан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација преку соопштение ја потврдија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Во соопштението се нагласува дека двајцата соговорници размениле мислења и информации поврзани со најновиот развој на настани во регионот, значењето на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија.
„Претседателот Пендаровски го информира високиот претставник Лајчак за актуелните состојби во земјава и спроведувањето на изборниот процес“, се вели во соопштението.
„Во светло на возобновувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски го истакна ставот дека придонесот на Европската Унија е повеќе од потребен, со цел изнаоѓање прифатливо решение, кое ќе ја зајакне регионалната стабилност и во таа насока го поздрави значењето на мисијата што ја има специјалниот претставник Лајчак“, се наведува во соопштенеито на Претседателскиот кабинет.
Се истакнува дека соговорниците договориле редовна комуникација и размена на информации од заемен интерес во претстојниот период.