Furkan Abdula
11 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и премиерот Зоран Заев објавија пораки по повод 26-годишнината од геноцидот во Сребреница, кој се смета за најголемата човечка трагедија во Европа по Втората светска војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пендаровски на социјалните мрежи нагласи дека оддаваат почит на повеќе од 8.000 луѓе жртви на геноцидот во Сребреница.
„Почит за над 8 илјади луѓе - жртви на геноцидот во Сребреница. Убиени, само затоа што биле босански муслимани“, напиша Пендаровски.
„Наша генерациска должност е да се сеќаваме на ова злосторство против човештвото за никогаш да не се повтори“, додаде тој.
Меѓу другото, премиерот Заев на социјалните мрежи исто така објави порака по овој повод, нагласувајќи дека злосторството против човештвото врз цивилното население во Сребреница во 1995 година засекогаш ќе остане во меморијата за ужасите на војната и на екстремните форми на национализам, кои, според него, слободниот и демократски свет секогаш ќе ги осудува.
„Бошњачкиот народ и светот денеска, на 26-годишнината од еден од најтрагичните настани во поновата историја на човештвото, се сеќаваат на овој голем пораз на цивилизациските вредности и ги споменуваат илјадниците невини жртви. Сочувствуваме со болката на семејствата на жртвите на Сребреница и жалиме за сите жртви коишто ги загубија своите животи во војната во Босна и Херцеговина“, рече Заев.
Тој нагласи дека Северна Македонија, како дел од семејството европски народи, се придружила кон апелот во Резолуцијата на Европскиот парламент од 15 јануари 2009 година, што вели - „ваквите ужасни злосторства никогаш да не се повторат и 11 јули да се прогласи за Ден за комеморација и за најсилна осуда на геноцидот во Сребреница“.