Admir Fazlagic
15 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски, тој му го честитал именувањето на Вархеји за комесар за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, му посакал успех во работата и изразил очекување дека ќе дава цврста поддршка на перспективата за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Двајцата соговорници размениле мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија, како и за аспирациите на земјата за членство во Европската Унија.
„Претседателот Пендаровски истакна дека европската и евроатлантската интеграција останува стратешка цел за нашата држава. Во очекување на скорешното финализирање на членството во НАТО, посочи претседателот Пендаровски на средбата, фокусот на државата е насочен кон перспективата за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ“, се вели во соопштението.
„Северна Македонија останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните“, истакна Пендарвоски, кој изрази надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите членки на ЕУ.
„Во контекст на предвремените парламентарни избори, претседателот Пендаровски повика на одговорност од сите политички чинители и истакна дека тие треба да бидат фер, слободни и во демократска атмосфера, со оглед на нашите аспирации за идна земја членка на Европската Унија“, стои во соопштението.
Во рамките на посетата на Северна Македонија, европскиот комесар Вархеји се состана со техничкиот премиер Оливер Спасовски, а најавена е и средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.