Abdula Berısha
15 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Техничкиот премиер на Северна Македонија, Оливер Спасовски, се состана со комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји кој престојува во официјална посета на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција, Спасовски рече дека членството во ЕУ е еден од врвните стратешки приоритети на Северна Македонија. Нагласувајќи ја разочараноста од минатогодишната одлука на ЕУ да не започне преговори, Спасовски рече дека одлуката за започнување на преговорите треба да се донесе што е можно поскоро.
„Програмата на новата Европска комисија претставува нова голема надеж за државите од Западен Балкан и за зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ. Европската комисија отсекогаш била и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашето настојување за приближување кон ЕУ и очекуваме ова сојузништво да продолжи и понатаму и со новиот состав на Европската комисија", рече Спасовски.
Тој исто така рече дека Северна Македонија е заинтересирана за што поскоро објавување на документот за промените во методологијата за преговорите за членство, за кој што комесарот Вархеји најави дека ќе биде објавен до крајот на овој месец.
Комесарот Вархеји рече дека ова е негова прва официјална посета надвор од ЕУ, додавајќи дека тој посакувал првата посета да се оствари во Северна Македонија, која како што рече, вложила многу напори да ги започне преговорите за членство.
Вархеји исто така рече дека процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан ќе продолжи, нагласувајќи дека ќе продолжат да работат уште посилно во овој аспект
„За новата комисија проширувањето не е табу, за новата комисија проширувањето е приоритет. Комисијата не може да работи без поголемо влијание во регионот и јас ќе ја посветам мојата работа тоа да се постигне. Мора да работиме врз основа на проценката дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги започнат пристапните преговори. Нема промена во тоа и ќе се придржуваме до нашата првична проценка, а тоа е дека треба да ги започнеме пристапните преговори со овие две држави", рече Вархеји.
Тој исто така рече дека е потребна позитивна одлука од Советот на ЕУ за да започнат преговорите пред следниот самит на ЕУ, што ќе се одржи во Загреб во месец мај. Вархеји истакна дека поради оваа причина, новиот пакет за преговорите за членство ќе биде разработен во наредните месеци.
Вархеји ги охрабри институциите на Северна Македонија да продолжат со реформите, особено за новиот Закон за јавно обвинителство.