Saimir Alija
15 Јануари 2020•Ажурирај: 17 Јануари 2020
ТИРАНА (АА) - Албанија одлучи да прогласи за непожелни личности двајца дипломати на Амбасадата на Исламската Република Иран во Тирана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа одлука ја објави вршителот на должноста министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, во објава на социјалните мрежи, во која се вели дека дипломатските претставници на Aмбасадата на Исламската Република Иран во Албанија, Мохамед Али Арз Пејманемати и Сејед Ахмад Хосеини Аласт се прогласени за непожелни личности, поради, како што наведе Цакај, вршење активност што е некомпатибилна со нивниот статус.
„Министерството за Европа и надворешни работи денеска донесе одлука дипломатските претставници на Амбасадата на Исламската Република Иран во Албанија, Мохамед Али Арз Пејманемати и Сејед Ахмад Хосеини Аласт, да бидат прогласени за непожелни лица, поради вршење активност што е некомпатибилна со нивниот статус и принципите на Виенската конвенција за дипломатски односи. Од двајцата претставници на Исламската Република Иран се бара да ја напуштат територијата на Република Албанија веднаш“, пишува Цакај.
Потсетуваме дека во декември 2018 година Албанија прогласи двајца дипломати на Иранската амбасада во Тирана за непожелни личности.