Zylfije Adem Jakupi
01 Април 2022•Ажурирај: 02 Април 2022
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Исламската заедница на Косово, муфтијата Наим Тернава, го осуди чинот на директорот на Гимназијата „Неџмедин Никша“ во Ѓаковица, кој на влезот од училиштето постави табла со знак со кој се забранува влез за жени кои носат шамија, покрај знаците за забрана за пушење, внесување оружје и шминка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Муфтијата изјави дека не сака да верува дека тоа е намерно направено на прагот на светиот месец Рамазан и дека тоа било направено со одредена намера. Смета дека тоа е пропуст, бидејќи во никој случај оружјето не може да се поистоветува со марамата или алкохолот со марамата и со други негативни работи.
„Мило ми е што одговорните за образованието во општина Ѓаковица и самата општина навреме реагираа и овој случај ќе остане изолиран случај, додека Исламската заедница на Косово ги осудува ваквите случаи бидејќи ние сме за тоа меѓу сите што живеат под ова небо да владее толеранција, хармонија, блискост и меѓусебна доверба“, рече муфтијата, одговарајќи на новинарски прашања откако испрати порака по повод почетокот на рамазанскиот пост.
Тој ги повика Министерството за образование, наука, технологија и иновации и одговорните луѓе да ја поништат административната уредба од 2014 година со која се забранува покривањето на муслиманките, бидејќи, како што рече, со тоа се нарушуваат нивните права да учат во државните училишта.
На поставувањето на знакот претходно со реакција излезе и претседателката на Социјалдемократскиот сојуз и пратеничка во Собранието на Косово, Дуда Баље, со објавување фотографија на која се гледаат тие опоменувања. Баље преку Фејсбук се обрати на директорката на Средното техничко училиште „Неџмедин Ниџа“ во Ѓаковица, Флорентина Ѓерѓај, со прашањето врз основа на кој устав или закон ги поставила симболите на забраната.
„Со некои од нив се согласувам, но симболот на девојката со марама и споредувањето на симболите на овој начин е скандалозно и навреда за секој граѓанин и нашата Република, не исклучувајќи ги религиозните верувања“, напиша Баље.
Таа побара објаснување од градоначалникот на Ѓаковица, Адријан Ѓини.
На објавата на пратеничката Дуда Баље, реагираше и директорката Ѓерѓај, која рече дека таа само го почитува административното упатство на Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово и дека поради кампањата на Баље ќе се обрати до безбедносните органи.
Таа посочи дека Баље, како пратеничка во Собранието на Косово и претседателка на Комисијата за човекови права и родова еднаквост, треба да се заложи за почитување и исполнување на уставните права на секој граѓанин, а не да губи време на напади и поттикнување омраза против неа, која ја врши својата работа врз основа на законите кои ги усвојува Собранието.
Се огласи и градоначалникот на Ѓаковица, Адријан Ѓини, кој рече дека Ѓаковица е редок пример за верски братски соживот, велејќи дека такви грешки не треба да се случуваат во иднина.
„Грешките и погрешните сфаќања за чувствителноста не можат да влијаат на ниту еден граѓанин на општина Ѓаковица. Советот на Исламската заедница на Косово во Ѓаковица е исклучително почитувана институција и на најдобар можен начин ги застапува чувствата на муслиманските верници од нашата општина. Се договоривме дека грешки како онаа од вчера нема да се случат во иднина“, напиша Ѓини на Фејсбук.