Sanela Crnovrsanin
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
БЕЛГРАД (АА) - Клучот за стабилноста на регионот е Србија, а додека Србија не биде интегрирана во Европската Унија ни Западен Балкан нема да биде интегриран, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
Орбан, кој заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Питер Сијарто, се наоѓа во посета на Белград, главниот град на Србија, се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како што рече, ЕУ треба да сфати дека Србија во моментов е покорисна за ЕУ отколку што е ЕУ за Србија, и дека ако ЕУ не ги прифати новите импулси и новите членки, тогаш таа ќе тапка во место и ќе дојде до нејзин распад.
„Клучот за стабилноста на регионот е Србија“, додаде Орбан.
Тој оцени и дека земјите од Централна Европа треба да разберат дека долгорочните интереси се поважни од краткорочните, бидејќи без тоа нема ни стабилизација на регионот.
„Земјите треба да си помагаат едни на други. Бидејќи ветрот може да го смени правецот, и тогаш ќе ти биде потребна помош од соседната земја. Ако земјите од Централна Европа не го разберат ова, не може да се зборува за стабилност.“
Унгарскиот премиер истакна дека Европа наскоро повторно ќе се соочи со проблемот на масовна миграција. Потсетувајќи дека борбата против Ковид-19, која е глобален проблем, продолжува успешно, Орбан рече:
„Наскоро повторно ќе се соочиме со проблемот на масовна миграција, кој на сите ни е познат. На пример, стотици луѓе го напуштаат Авганистан во последните неколку дена. Тие доаѓаат во Турција без проблеми. Оттаму доаѓаат на Балканот. Ако има проблем со безбедноста на Западен Балкан, и Унгарија нема да се смета за безбедна.“
Српскиот претседател Вучиќ, потсетувајќи дека односите меѓу двете земји се на најдобро ниво во историјата, истакна: „Сијарто во секоја пригода кажува дека Србија треба да стане членка на ЕУ што е можно поскоро. Со ваквото однесување, заслужи медал на честа од Србија.“
Истакнувајќи дека имаат за цел обемот на трговија меѓу Унгарија и Србија оваа година да надмине 2 милијарди евра, Вучиќ рече: „Унгарските компании минатата година направија 16 важни инвестиции во Србија. А тоа е еден од показателите дека Унгарија се обидува да ги одржи своите пријателски односи со Србија.“
Потсетувајќи дека Унгарија игра стабилизирачка улога во регионот на Западен Балкан, Вучиќ рече: „Би сакал да ѝ се заблагодарам на Унгарија за поддршката за членството на Србија во ЕУ. Постојат многу земји кои ја поддржуваат Србија на овој пат, но мал е бројот на оние кои тоа го прават отворено и смело како што го правите вие. Не ризикуваат да бидат цел на критики.“
Вучиќ, исто така додаде дека обете страни даваат сѐ од себе за да се забрза железничкиот проект Белград - Будимпешта, кој е важен за транспортната инфраструктура меѓу Југоисточна Европа и Западна и Средна Европа.
Српскиот лидер додаде дека неговата земја ќе продолжи да ги развива односите не само со Унгарија, туку и со другите земји од Вишеградската група.
Унгарскиот министер Сијарто, истакнувајќи дека е горд поради доделениот медал на честа, рече: „ЕУ ќе биде нецелосна без земјите од Западен Балкан.“