Admir Fazlagic
14 Јануари 2019•Ажурирај: 15 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, објавена е во саботата во шестиот број на Службен весник на Република Македонија. Одлуката ја потпишал претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пранитеците на Собранието, во петокот, на 11 јануари, во рамките на 75. седница ги донесоа амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија. По прогласувањето на уставните амандмани, беше усвоен и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Со амандманот 33 во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36. Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата од Уставот. Според амандманот, зборовите „кои живеат во нејзините граници“ се заменува со „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, граѓаните на РМ, македонскиот народ, и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, а амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.
За да стапат во сила уставните измени, Преспанскиот договор треба претходно да биде ратификуван и во грчкиот парламент. За утре во грчкиот парламент најавена е дводневна расправа за гласање доверба на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Грчкиот министер за одбрана и лидер на партијата Независни Грци (АНЕЛ), Панос Каменас, вчера најави повлекување од министерската позиција, поради Договорот од Преспа. По состанокот со Ципрас во Атина, Каменос изјави дека неговата партија ќе се повлече од грчката Влада.
Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција. Според договорот Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.