Fatjon Cuka
14 Јануари 2019•Ажурирај: 15 Јануари 2019
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, соопшти дека тој самиот ќе претседава и со Министерството за Европа и надворешни работи на земјата, по судирите меѓу Кабинетот на премиерот на Албанија и претседателот на оваа држава, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рама на социјалните мрежи соопшти дека де јуре ќе биде на оваа функција откако претседателот на земјата, Илир Мета, одби да го декретира предлогот за именување на Гент Цакај за министер за Европа и надворешни работи на Албанија.
„Претседателот сè уште не го разреши министерот за надворешни работи (Дитмир Бушати) во уставниот рок. Следно прекршување со кое ќе се соочиме заедно со другите во новиот Уставен суд. До тој ден кој ќе дојде наскоро, ќе бидам де јуре на оваа улога бидејќи немаме време да губиме во потрага по претседателот“, напиша Рама.
Во меѓувреме реагираше и претседателот на државата, Илир Мета, кој на социјалните мрежи напиша: „Претседателот е на својата должност. За претседателот најпрво доаѓаат Уставот и владеењето на правото“.
Потсетуваме, пред неколку дена Мета го одби предлогот за именување на Гент Цакај, кој е со потекло од Косово, за министер за Европа и надворешни работи на Албанија, укажувајќи на некои причини зошто го направил тоа.
Според претедателот Мета, Цакај не ги исполнил условите, не создава доверба и не нуди доволна гаранција за вршење на функцијата со објективност.