Elena Trenchevska Chekovic
01 Април 2025•Ажурирај: 02 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) – Властите на Северна Македонија соопштија дека од средината на април ќе започне со работа заедничката гранична контрола на граничниот премин Блаце - Елез Хан, пренесува Анадолу.
Министерството за внатрешни работи ја информираше јавноста дека од 14 април официјално започнува со работа заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на заедничкиот граничен премин Долно Блаце - Елез Хан, од каде што истакнаа дека чекорот претставува конкретна реализација на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Косово.
Министерството нагласи дека заедничката гранична контрола има цел олеснување на прекуграничното движење, намалување на времето на чекање и зголемување на ефикасноста на граничните контроли.
На 4 јули 2023 година Владата на Северна Македонија го одобри текстот на договорот меѓу Косово и Северна Македонија, со кој се овозможи создавање заеднички граничен премин меѓу двете земји.