Haris Badzic
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
ДОБОЈ ЈУГ (AA) - Обемните врнежи кои ја зафатија Босна и Херцеговина предизвикаа бројни проблеми во населбите кои се во непосредна близина на речните текови на подрачјето на Зеничко-добојскиот кантон, но состојбата на подрачјето на кантонот се нормализира, јавува Anadolu Agency (AA).
На подрачјето на Маглај, еден од влезовите во градот сѐ уште е под вода, а во текот на ноќта противпожарните екипи имаа и неколку интервенции на испумпување на водата од подрумските простории на станбените објекти.
Според Славен Периќ, член на Федералната управа на цивилната заштита, состојбата најтешка била на подрачјето на општината Добој Југ.
„На подрачјето на Добој Југ состојбата моментално е добра, во однос на синоќа и утрово. Реката Усора се повлекува, како и реката Босна. Утрово во местото Матузиќи имавме неколку евакуации. Исто така и во општината Усора. Со чамци е одработено префрлување на загрозеното население од објектите на сигурно подрачје, заедно со службата на Општина Добој Југ. Патната комуникација во општината Усора не е комплетно проодна“, рече Периќ, додавајќи дека ја следат состојбата.
Според последниот извештај на Кантоналната управа на цивилната заштита на Зеничко-добојскиот кантон, општините Тешањ и Добој Југ прогласија состојба на природна несреќа.
На подрачјето на општина Тешањ, синоќа како последица на пораст на водостојот дошло до пробивање на насипот, при што поплавена е поголема површина на земјоделско земјиште и 20 објекти.
Од Кантонално-оперативниот центар на цивилната заштита - Сараево, утрово соопштија дека засега нема опасност од излевање на реките на подрачјето на кантонот.
Од Босанско-херцеговскиот автомото-клуб (БИХАМК) утрово објавија дека поради одрон и активирани свлечишта е стопиран сообраќајот на магистралните патишта М-4 Бања Лука - Приједор, М-4, Теслиќ - Котор Варош и Бања Лука - Челинац, како и на регионалниот пат Теслиќ - Тедин Хан.