Almir Terzic
09 Август 2022•Ажурирај: 10 Август 2022
ЉУБЉАНА (АА) - Словенија наскоро ќе ја добие најголемата противпожарна лабораторија во регионот. Тоа ќе биде единствениот објект од ваков вид во овој дел од Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Имено, Градежниот институт на Словенија (ЗАГ) на почетокот на септември ќе отвори нова противпожарна лабораторија во Логатец.
Како што наведуваат од Институтот, тоа ќе биде најголемиот и единствен објект од ваков вид во овој дел од Европа, што ќе овозможи понатамошен развој и научна извонредност во областа на испитувањето на својствата отпорни на оган на материјалите и конструкциите.
Изградбата на лабораторијата, што на Институтот ќе му обезбеди капацитети за тестирање на отпорност на оган на производи од словенечката и странската индустрија на површина од речиси 3.500 метри квадратни, започна во пролетта 2020 година. Објектот има две големи печки, придружна станица за прочистување и друга современа опрема за испитување субјекти од микро ниво до големина од четири на осум метри.
Заедно со набавката на опрема, инвестицијата изнесува речиси 11 милиони евра, соопшти ЗАГ. На таа сума Министерството за образование, наука и спорт даде два милиони евра, а за опремата за тестирање преку проектот „InnoRenew“ беа издвоени 2,8 милиони евра кохезиски средства.
Лабораторијата официјално ќе биде отворена на 2 септември.
Во новиот објект ќе биде сместено и седиштето на неодамна формираниот Оддел за истражување на превенција од пожари и одржлива изградена средина, што е резултат на проектот „Фрисбе“ од програмата на ЕУ, Хоризонт 2020. Тоа е еден од само четирите проекти „EraChair“ што Словенија ги доби досега.
Главните цели на овој оддел се да го подигне угледот на ЗАГ во поширокото подрачје на истражување и развој, вклучително и подигање на неговата научна извонредност и адаптација за уште поуспешно стекнување извори на финансирање за домашни и меѓународно конкурентни истражувања, објаснуваат тие.
Институтот за градежништво на Словенија е централна научно-истражувачка институција во областа на градежништвото во Словенија. Најголем дел од активностите на Институтот се истражување и развој во областа на градежништвото, материјалите и еколошките технологии, во кои сè повеќе систематски се вклучува безбедноста од пожари.