Abdula Berisha
05 Септември 2024•Ажурирај: 06 Септември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, престојува во официјална посета на Северна Македонија, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, јавува Анадолу.
Министрите Фидан и Муцунски најпрвин одржаа тет-а-тет средба, а потоа се одржа и билатерална средба на која покрај министрите присуствуваа и делегации на двете министерства.
На заедничката прес-конференција, министерот Муцунски истакна дека Туркије е докажан пријател и НАТО-сојузник на Северна Македонија.
Тој упати благодарност кон Туркије која беше една од првите земји којашто покажа солидарност во справувањето со шумските пожари во Северна Македонија.
Муцунски напомена дека ова е прва официјална посета на странски министер по неговото стапување на должност, додавајќи дека му е драго што тоа е токму министерот Хакан Фидан.
„Ова е силна потврда за сѐ поинтензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерство и пријателство кое заеднички го градиме и го негуваме. Денес имавме конструктивни разговори на кои заеднички ги разгледавме можностите за унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзиното продлабочување“, рече Муцунски.
Тој истакна дека турските инвестиции во Северна Македонија од нејзиното осамостојување се огромни, но додаде дека досегашната економска соработка го нема постигнато посакуваното ниво од двете држави.
Освен економските односи, Муцунски истакна дека со турскиот колега разговарале и за безбедносни, регионални и други теми.
„Со Турција (Туркије), наш партнер и сојузник во НАТО, споделуваме заеднички погледи и грижи за безбедносни и други регионални закани, како и заеднички интерес за стабилноста, одржливиот развој на регионот на Југоисточна Европа. Го запознав колегата со актуелните состојби во регионот, гледано од наша перспектива која е целосно свртена кон ЕУ-реформскиот процес и побрза интеграција во Европската Унија“, рече Муцунски и додаде:
„Разговаравме и разменивме мислења и за актуелните состојби во однос на руската воена агресија врз Украина, како и последните состојби на Блискиот Исток, споделувајќи ги нашите грижи и очекувања за смирување и завршување на сите воени дејствија и запирање на страдањата на цивилното население во засегнатите земји.“
Шефот на македонската дипломатија на крајот истакна дека уште од својата независност, Северна Македонија можеше да се потпре на Туркије како докажан и посветен пријател и поддржувач во остварувањето на највисоките стратешки определби и цели.