СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, рече дека главната перспектива на Туркије, која со години ги разгледува меѓународните прашања, е хуманитарна перспектива, перспектива заснована на луѓето, известува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп зборуваше на програмата организирана од Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик, која е дел од неговите средби во Скопје.
Шентоп потсети дека 21 декември - Денот на наставата на турски јазик, се слави како празник на турската заедница во Северна Македонија од 2007 година.
Потсетувајќи дека Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), веќе 15 години, од 2007 година, со различни активности го слави овој празник, Шентоп рече дека Туркије, како во минатото, така и денес, секогаш со високи државни претставници е тука на 21 декември.
Истакнувајќи дека турскиот јазик е многу важен и фундаментален елемент од аспект на зачувување на постоењето и идентитетот на турската заедница во Северна Македонија, Шентоп нагласи дека е многу важно да се користи и развива турскиот јазик како јазик на образованието.

Говорејќи дека Северна Македонија е повеќејазична, мултикултурна држава во која луѓето од различни вери живеат заедно во мир и може да биде пример за многу земји во светот, Шентоп истакна: „Од тој аспект, тоа е многу важно. Балканот е многу важен центар од аспект на населување во светот од многу стари времиња и како место на различни цивилизации. На овие простори, на ист начин, луѓе од различни јазични групи, различни вери, различни култури живееле заедно со стотици години. Доаѓајќи тука од различна култура, изградивме заедничка култура, заедничка цивилизација. Еден од најважните елементи на тоа се тукашната турска заедница и турскиот јазик.“
За таа цел, Шентоп истакна дека е многу значајно добро да се научи турскиот јазик, иститод да се подучува, давајќи му важност, додавајќи дека Туркије со внимание го следи ова прашање, посочувајќи дека секогаш е во тесна соработка со Северна Македонија, вршејќи студии за ова прашање.
Шентоп ја изрази својата благодарност до Северна Македонија, потсетувајќи дека отсекогаш имало учество на високи државни претставници на програмите што се организираат по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик.
Шентоп истакна дека ИБУ е многу важен како показател на точката до која стигнале билатералните односи меѓу Туркије и Северна Македонија и додаде дека тоа е најважната инвестиција што Туркије како комуникациски мост ја изградила кон оваа пријателска и братска земја.

Наведувајќи дека има бизнисмени и жени од Туркије што инвестираат во Северна Македонија, Шентоп рече дека инвестицијата што ќе остане и во иднина е овој универзитет и додаде: „Под водство и секогаш под покровителство на нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган], бидејќи секогаш кога ќе се појавеше некаков проблем, финансиски или духовен, нашиот претседател се мобилизираше за негово решавање, мобилизирајќи и многу кругови и луѓе. Овој универзитет во суштина е негова идеја и дело.“
Истакнувајќи дека од денот на основањето, Универзитетот е многу подобрен и од аспект на физичкиот простор, бројот на студенти, академскиот кадар и работата, Шентоп посочи на следното: „Секако дека не е доволно. Ние секогаш сакаме овој Универзитет да биде една од најважните образовни институции не само во Република Северна Македонија, туку и на Балканот. Не само на Балканот, туку и во Европа.“
Нагласувајќи дека светот во кој живееме минува низ многу важен процес на промени, Шентоп рече: „Овој процес на промени е процес што видливо го следиме на повеќе полиња, но можеме да кажеме дека можеби најважната димензија на овој процес на промени, неговата локомотива и динамо, всушност е темата знаење.“
Шентоп рече дека за време на неговите средношколски години, во раните 1980-ти, бил љубопитен за многу прашања од различни тематики и дека бил по потрага на енциклопедии за да ги истражува прашањата и концептите што му паѓале на ум. Подоцна, како што рече Шентоп, со развојот на технолошките можности, дојде до развој и на самата информација, самиот податок и пристапот до неа, но од друга страна, има големи промени и во самите извори од каде што потекнуваат информациите.
Посочувајќи дека денешниот свет и неговиот развој се причината за големиот број информации, Шентоп истакна: „Денес многу лесно доаѓаме до информации, но притоа имаме мешавина од точни и неточни податоци. Дури и за време и по пандемијата има(в)ме еден вид информативна зараза, но не во позитивна, туку во негативна смисла. Затоа, денес, заедно со знаењето, доаѓа до промена и на природата на образованието. Образовно-наставната активност, која претходно се засноваше на трансфер на знаење, сега се базира врз критикување, проценка и критички пристап кон информациите, при што, сето тоа е базирано врз обуката и изучувањето ‘како да дојдеме до вистинската информација, издвојувајќи го правилното од погрешното’“.
Нагласувајќи дека универзитетското образование повеќе не е само етикета, диплома или парче хартија, Шентоп истакна дека ова порано било многу важно, но сега е важно по дипломирањето и какви вештини се стекнуваат, како тоа може да се практикува.
Објаснувајќи дека зборува за промени - трансформации во светот, Шентоп рече дека минуваме низ период во кој времето има големо забрзување, но додаде дека многумина не се свесни за тоа, што е сосема природно, бидејќи се наоѓаат во него.
Осврнувајќи се на некои од важните прашања во овој период, Шентоп ги даде следните оценки: „Видете, се води војна во географија многу блиску до нас. Војната меѓу Русија и Украина. Има различни причини. Русите имаат објаснувања за тоа, Украинците имаат свои објаснувања, разни европски земји имаат објаснувања за тоа ‘зошто се случи ова, како треба да биде’. Имаат и САД, имаат објаснувања и други земји. Додека објаснуваме, она што го нарекуваме перспектива е многу важно. Вашето гледиште, како при фотографирање, но за да го сторите тоа, треба да застанете. Тогаш оттаму гледате кон некое место во движење. Тука пак е важно што е ваш приоритет, какво е вашето гледиште на настаните. Како Туркије, нашата главна перспектива кога ги разгледуваме меѓународните прашања со години, вклучително и овој настан, е хуманитарната перспектива, перспективата заснована на луѓе. Тоа го покажавме и по започнувањето на војната и пред таа да почне.“
„Знаете, една од најфундаменталните кризи во светот неодамна беше кризата со жито. Тука не се работи само за недостиг на жито, несомнено има земји кои го доживуваат тоа, туку во исто време, имавме раст на цените поради влошувањето на пазарите за жито. Тука, благодарение на нашиот почитуван претседател, на сцена дојде Туркије, земја која може да преговара со Русија и Украина и која го направи оперативен коридорот за жито со постигнатиот договор што го нарекуваме Истанбулска конвенција.“

Потсетувајќи дека слична криза има и на полето на енергетиката, Шентоп истакна: „Тука не се работи само за ‘ако продолжи војната, Русија ќе се истроши, или ако не продолжи, ќе биде вака’. Луѓе загинаа и гинат, има луѓе што се смрзнаа во овие зимски услови поради уништување на далноводите, а има проблеми со задоволувањето на дневните потреби од храна на луѓето. Во исто време, имаме и големи миграции, како во блиската географија, така и подалеку, на пример Блискиот Исток, Авганистан. Постојат проблеми во поголем дел од светот. Има зголемување на информациите во светот, глобализација, глобализација на информациите. Но, кога станува збор за глобализацијата, од нашата материјалистичко-капиталистичка гледна точка глобализацијата се доживува само како слободен промет на пари и слободно движење на стоки. Но, сè отиде во слободен промет. Вирусот, на пример, исто така е во слободно движење. Вирусот кој започна во Кина за многу кратко време почна да циркулира низ целиот свет, со сите негови мутации. Тоа е, исто така, глобално, болестите се, исто така, глобални, тоа мора да го разбереме. Но и здравјето треба да биде глобално. Знаете, во овој поглед, во однос на проблемите што ги доживуваме со вакцината, некои земји направија повеќе залихи отколку што им требаат, без да ги земат предвид другите земји. Но не е доволно само да ги вакцинирате сопствените граѓани. Затоа што доаѓа вирус или мутиран вирус од друга земја и ја погодува вашата земја, вашите граѓани.“
„Затоа, здравјето треба да биде глобално и мирот да биде глобален. Мислам дека ако некој човек каде било во светот не живее во мир, спокој и под минимални хуманитарни услови, тогаш безбедноста и спокојството на целиот свет, на луѓето што живеат во целиот свет, се под закана. Сега човештвото стана целосно и многу тесно поврзано едно со друго во оваа смисла. Во тој контекст, нашиот приоритет треба да биде човекот, сѐ што постои, секоја состојба, институции, концепти, сите теории се всушност за човекот, за тој човек да може да живее на овој свет како човек. Ние треба да дејствуваме во тој контекст. Како Туркије, се обидуваме да го направиме тоа на полето на меѓународните односи и сѐ уште се обидуваме тоа да го реализираме. Но се разбира, некои политичари и некои земји кои имаат големи макрополитики, идеали за владеење со светот, амбиции итн., може да заземат став против тоа, но тоа не е важно. Отсега натаму, во таков свет каде што информациите се толку раширени, а глобализацијата е толку распространета, она што ќе победи се политиките што му даваат приоритет на човечкото битие, човештвото. Тоа е она што го бараме“, рече Шентоп.
news_share_descriptionsubscription_contact
