Rania R.a. Abushamala
29 Април 2026•Ажурирај: 29 Април 2026
Израелските воени сили се соочуваат со тренд на зголемена стапка на самоубиства кај војниците поради намалената поддршка во поглед на менталното здравје, се наведува во веста на израелскиот весник „Хаарец“ објавена денес, пренесува Анадолу.
Најмалку десет активни израелски војници извршиле самоубиство од почетокот на 2026 година, од кои шест случаи се регистрирани само во текот на април, се наведува во веста.
Тројца резервисти, кои служеле за време на војната, исто така извршиле самоубиство овој месец по завршувањето на нивната служба, заедно со двајца полициски службеници, вклучително и еден регрутиран припадник на Граничната полиција.
Податоците „укажуваат на континуиран раст на бројот на самоубиства во рамките на одбранбениот систем“, тренд што започна по избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година, се вели во веста.
Висок претставник на Дирекцијата за човечки ресурси на израелската Армија ги призна тешкотиите во решавањето на овој проблем, изјавувајќи: „На почетокот на војната мислевме дека ја држиме ситуацијата под контрола..., но тоа ни се удри од глава“.
Воени извори ги наведуваат долготрајните борби и кумулативниот психолошки товар врз релативно малиот број припадници на војската како клучни фактори за ваквиот пораст.
Некои претставници исто така го поврзуваат априлскиот скок на самоубиства со емотивниот товар на националните комеморации, односно со настаните за „Денот на сеќавање”, и зголемениот фокус на тагувањето за загинатите, иако експертите за ментално здравје го доведоа во прашање ваквото објаснување, забележувајќи дека не биле евидентирани слични примери во претходните години.
Активистите кои работат со војници со психолошки нарушувања настанати за време на воената служба за „Хаарец“ изјавија дека обемот на поддршката за менталното здравје е намален, „и покрај јавните тврдења на Армијата за спротивното“.
Тие посочија дека на почетокот на оваа година биле укинати деновите за психолошка рехабилитација на резервистите пред нивното враќање во цивилниот живот, мерка која подоцна била само делумно вратена на сила.
„Едноставно е неодговорно вака да нè праќаат дома“, изјави еден војник, критикувајќи го недостигот на соодветна поддршка по завршувањето на неговиот борбен ангажман.
Воените психолози исто така предупредија дека дури и кога се спроведуваат такви дебрифинзи, тие често се кратки и недоволни, при што еден психолог ги опиша како „нешто слично на ставање фластер врз крвавење на главна артерија“.
Веста дополнително го истакнува намаленото присуство на воените психолози во оперативните подрачја, при што некои војници изјавија дека не се сретнале со ниту едно стручно лице дури и по нивното учество во борбените инциденти во Јужен Либан.
Во неколку случаи, командантите вршеле притисок врз војниците кои страдаат од посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) да се вратат на должност, па дури и ги спречувале да добијат третман за менталното здравје, делумно поради недостигот на човечки ресурси во борбените единици, а во некои случаи и поради застарените ставови кон психолошката грижа.
Поранешниот шеф на клиничкиот Оддел за ментално здравје во Армијата предупреди дека „барем некои од нив можеа да бидат спасени доколку командантите обрнеа внимание на знаците за предупредување“, додавајќи: „Ова веќе не е само предупредување. Ова е вистински аларм“.
Податоците цитирани од „Хаарец“ покажуваат значителен пораст во споредба со предвоените години, кога годишниот просек изнесувал околу 12 самоубиства. Бројот се искачил на седум во периодот меѓу октомври и крајот на 2023 година, потоа пораснал на 21 во 2024 година и на 22 во 2025 година, што претставува највисока бројка во последните 15 години.
Бројките не ги вклучуваат војниците кои извршиле самоубиство по завршувањето на нивната служба, што сугерира дека вкупниот број жртви може да биде значително поголем. Армијата дури неодамна започна да ги признава ваквите случаи, по низа медиумски извештаи и притисок од јавноста.
Меѓу наведените случаи има војници кои биле изложени на интензивни борбени услови, вклучувајќи резервисти кои служеле подолги периоди во Газа и на коиподоцна им било дијагностицирано ПТСН, како и оператори на дронови и персонал од разузнавачките служби, кои наводно тешко се справувале со психолошкиот товар на нивните улоги.
Во својот одговор, израелската Армија соопшти дека го смета менталното здравје за „составен дел од својата одговорност“, истакнувајќи дека го проширила својот систем за ментално здравје, ангажирала стотици стручни лица и ги распоредила низ оперативните сектори уште од почетокот на војната.
Армијата додаде дека емоционална поддршка и процеси на дебрифинг им се овозможени на „десетици илјади“ припадници на војската и дека секој случај на самоубиство темелно се испитува за да се извлечат поуки за во иднина.