Gülşen Topçu, Abdalhkem Abu Riash
01 Мај 2026•Ажурирај: 01 Мај 2026
Сликарката Ахлам Абдулати, која живее во градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, со платната и четките извлечени од урнатините создала „ателје под шатор“ – место каде што децата учат дека кога гласот трепери од страв, хартијата и моливот стануваат најсилниот крик, пишува Анадолу.
Пред нападите Абдулати имала и дом и ателје и учествувала на изложби. Како и илјадници други во Газа, таа изгубила сè што поседува, но продолжила да работи за да го прати својот глас до светот.
Успевајќи да извлече мал дел од своите слики од урнатините, кои ги смета за свои деца, Абдулати својот шатор прво го претворила во сликарско ателје, а потоа во „Проектно училиште Ахлам“.
Денес овој шатор истовремено е дом и светилиште, каде што децата без родители, децата со проблеми во говорот и тие на кои им е потребна посебна грижа, го наоѓаат својот мир.
- „И нејзините слики станале жртви на војната” -
Таа преку ноќ го изгубила сето она што го поседувала пред војната.
„Живеев нормален живот како и сите други. Но, одеднаш, сè исчезна. Не остана ниту дом, ниту ателје, ниту место каде што би можела да се засолнам, да се изразам и да му кажам на светот дека постоиме.“
Раскажувајќи дека била повредена, дека изгубила многу членови од семејството и поминала низ огромни болки, Абдулати со трогателни зборови ја опишува емотивната врска со своите дела:
„Од урнатините го извлеков тоа што остана од мојата душа, од моето битие, од моите слики и приборот за сликање. Резултат се сликите што ги гледате – жртви на војната. Тие се мои чеда и дел од мојата душа. Војната не ги зема само луѓето; таа ги зема и нашите спомени, нашите домови, нашите алатки.“
Токму во шаторот каде што ги собра спасените слики, таа ја опишува вредноста на својот „дом под платно“: „Иако овој шатор не е безбеден, тој е моето ’засолниште во кое верувам‘. Ова е место каде што се наоѓаат моите соништа, моите идеи и моите пораки до светот.“
- Шаторот станал центар за образование и психолошка поддршка на децата -
Абдулати вели дека со текот на времето го направила шаторот пофункционален за да ги избрише длабоките рани и траумите што војната ги оставила во човечката душа, особено кај децата.
Во шаторот собрала многу деца што останале без родители, кои биле изложени на насилство и психолошки притисок, кои биле сведоци на смрт, болка и уништување и за кои животот станал неподнослив.
„Се обидов да ги развијам талентите и капацитетите на овие деца преку едукација, сликање и психолошка поддршка. Овој шатор не е само дом, туку и училиште, центар за едукација, култура и забава. Овој шатор во себе крие многу идеи, чувства, тајни и болки.“
- Преку хартија и молив го кажуваат тоа што го носат во себе -
Едно од децата што учествуваат во едукацијата во шаторот е и 11-годишната Сидра Гунејм, која вели дека тука се образува и учи како да слика.
„Чувствата што ги носам во себе ги изразувам преку слики. Со помош на молив и хартија им раскажувам на луѓето низ што минуваме во војната“, вели Гунејм, укажувајќи на лековитата моќ на уметноста врз раните отворени од војната.