Husamedin Gina
27 Јули 2021•Ажурирај: 28 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека процентот на граѓани што се заразиле со коронавирусот и покрај примени две дози вакцина е многу мал и дека од околу 330.000 ревакцинирани граѓани, 92 заболеле од Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство, Венко Филипче, по повод Месецот на остеосарком присуствуваше на настан што се одржа во библиотеката на Клиниката за ортопедија во Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче истакна дека во земјата процентот на заболени лица од Ковид-19 што се ревакцинирани е навистина многу мал.
„92 пациенти имаме заболено од вкупно 330.000 коишто се ревакцинирани. Што значи дека процентот на заболени лица коишто се ревакцинирани е навистина многу мал, некаде околу 0,02 проценти, што е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината и апелирам повторно сите граѓани да знаат, да се свесни дека тоа е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата“, нагласи Филипче.
Тој исто така наведе дека целокупниот процес на вакцинација се одвива добро и дека денеска најверојатно ќе се надмине бројката од 500 илјади вакцинирани лица со најмалку една доза.
Наведувајќи дека добро се одвива и теренската вакцинација, министерот Филипче рече дека околу 20.000 лица се вакцинирани со теренска вакцинација досега.
На денешната прес-конференција, министерот се осврна и на воведувањето рестриктивни мерки само за невакцинираните луѓе, што започнува да се воведува во многу земји во светот.
„Некои земји воведуваат брзи тестови, антигенски за влез во маркети, места за културни настани итн. Така да размислуваме за тоа, сè уште одлука не сме донеле, меѓутоа ако процениме дека ризикот од невакцинираните генерално кон популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните, е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки“, рече Филипче.
Министерот додаде и дека нема нови случаи на делта-сојот во земјата.