Zylfije Adem Jakupi
24 Јуни 2023•Ажурирај: 25 Јуни 2023
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, изјави дека косовските безбедносни институции успеале да спречат планиран терористички напад во Косово, јавува Анадолу.
Министерот Свечла на вонредна прес-конференција во Јужна Митровица рече дека наредните денови ќе бара организациите „Северна бригада“ и „Цивилна заштита“ да се прогласат за терористички организации „за борбата против нив да биде уште поефикасна“.
Тој рече дека вчера во запленето возило полно со оружје имало ознаки со симболите на илегалната криминално-терористичка формација „Северна бригада“, обележја на руски единици и радиоврски слични на оние запленети од канцеларијата на Александар Филиповиќ, поранешен функционер на косовската полиција, кој беше одликуван од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Министерот Свечла рече дека косовските власти на околу 100 метри од општина Звечан, на северот на Косово, идентификувале возило со белградски регистарски таблички, во кое се откриени големи количини оружје. Како што истакна, во возилото пронашле експлозивни направи, зољи, автоматско оружје, значително количество муниција, шок- бомби, воени униформи и торби.
„Овие средства се наменети за изведување терористички напади врз граѓаните и институциите на Република Косово. Сето ова е уште еден доказ дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, преку вакви групи и организации има намера да ја дестабилизира нашата земја“, нагласи Свечла.
Министерот за внатрешни работи рече дека возилото со белградски регистарски таблички во овој случај е идентификувано како сопственост на јавно државно претпријатие на Србија, поточно на Акционерското друштво „Железници на Србија“.
Свечла го повика официјален Белград да се откаже од обидите за ескалација на Косово, но и меѓународната заедница да реагира на постапките на Србија.