Fatjon Cuka
05 Февруари 2021•Ажурирај: 06 Февруари 2021
ТИРАНА
Претседателот на Албанија, Илир Мета, го прими на средба министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој реализира официјална посета на Албанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Албанија, Мета укажа на важноста на добрососедските односи помеѓу двете земји, како на билатерално, така и на регионално ниво.
Исто така, Мета се осврна и на понатамошното зголемување на економската и трговската соработка, размената на искуства во насока на охрабрување на директните странски инвестиции и учеството во билатералните и регионалните проекти.
„Учеството и активната улога на албанскиот фактор во институциите на Северна Македонија е доказ на неговиот непоколеблив став во поддршката на евроатлантските проекти и важните реформи за градење на мултиетничката држава Северна Македонија“, нагласи Мета.
Според него, спроведување на реформите, почитување на европската агенда и демократските настани во Северна Македонија ќе овозможат надминување на пречките на процесот на европската интеграција.
Мета подвлече дека како две соседни земји, сојузници во НАТО и земји со заеднички евроатлантски визии, Албанија и Северна Македонија ќе треба уште повеќе да ги зајакнуваат односите во служба на мирот, стабилноста и развојот на регионот.
Инаку, Османи во рамки на посетата на Албанија, се состана и со министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.