Lejla Biogradlija
07 Март 2025•Ажурирај: 09 Март 2025
Меморијалниот центар во Сребреница, во кој се наоѓаат и гробовите на оние кои ги загубија животите во геноцидот за време на војната во Босна и Херцеговина во периодот 1992-1995 година, одлучи да ги затвори вратите и за вработените и за посетителите поради загриженост за безбедноста во земјата, известува Анадолу.
Во објавата што Меморијалниот центар Сребреница ја објави на социјалната мрежа „X“ се наведува дека откако Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина, потпишал неуставни одлуки, со кои се забранува дејствувањето на Судот и на Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ во тој ентитет, настанала загриженост за безбедноста во земјата.
Во објавата се вели дека центарот, во кој се наоѓаат гробовите на повеќе од 6.000 бошњачки цивили кои ги загубија животите во геноцидот во Сребреница во 1995 година и во кој има голем број докази за геноцидот, ќе остане затворен извесен период.
Вработените ќе продолжат со смените од дома, а Центарот од безбедносни причини нема да прима посетители.
- Противуставни практики на Додик, претседателот на РС во БиХ
Минатата недела Националното собрание на РС гласаше за забрана на активностите на државните институции на Босна и Херцеговина во тој ентитет, и тоа на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ.
Додик, кој објави дека ги потпишал одлуките, кои се против Уставот на земјата, изјави дека нема да одговара на повиците од Судот или Обвинителството по стапувањето во сила на споменатите закони и дека ќе биде заштитен од полицијата на РС.
Националните медиуми објавија дека во рамките на наведените чекори на Додик со цел „создавање паника во јавноста“, босанските Срби кои работат во четирите државни институции на РС чии активности ќе бидат запрени, мора да дадат отказ од своите работни места, инаку во спротивно може да бидат осудени на затворска казна. Националните медиуми ги опишаа овие одлуки на Додик и НСРС како „државен удар“.
Предметните одлуки беа донесени откако Судот на Босна и Херцеговина го осуди Додик на 1 година затвор и 6-годишна политичка забрана поради „непочитување на одлуките на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР)“.
Голем број државници, претставници на граѓански организации и новинари од државата и надвор од неа реагираа на однесувањето на Додик.