Admir Fazlagikj
30 Декември 2017•Ажурирај: 31 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод претстојните новогодишни и божиќни празници, Министерството за внатрешни работи (МВР) апелира до граѓаните на Република Македонија за време на празниците да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од МВР наглсуваат дека нема да се толерира и најстрого ќе се казнува препродавањето и употребата на пиротехничките средства.
„Согласно Законот за прекршоци, против јавниот ред и мир на лице кои неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му биде изречена глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност", се вели во соопштението.
Согласно Кривичниот законик, тој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години.
„Ако предмет на делото е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години. Ако делото е сторено во група, банда или друго злосторничко здружение, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години", информираат од МВР.