Besar Ademi
17 Септември 2018•Ажурирај: 17 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, денес пристигна во Скопје, каде што ја започна средбата со премиерот на Македонија, Зоран Заев, и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).
Матис е дочекан со високи државни почести од страна на премиерот Заев на платото пред Владата на Македонија, додека на Скопскиот аеродром американската делегација предводена од Матис беше пречекана од страна на министерката Шекеринска.
По средбата во Владата, Матис, Заев и Шекеринска ќе се обратат на заедничка прес-конференција.
Матис претходно најави дека ќе ја посети Македонија за да ја изрази јасната поддршка за референдумот на 30 септември за спорот со името, но и загриженоста поради можното инволвирање на Москва во процесот. Тој ги осуди напорите на Русија да ги користи своите пари и моќ за да ја зајакне опозициската страна во пресрет на референдумот во Македонија, кој ќе го поплочи патот за приклучување на земјата во НАТО, потег на кој се противи Русија.
Матис на новинарите што патуваа со него кон Скопје им изјави дека нема сомнение оти Москва финансира проруски групи, со цел референдумот за промена на името, кој треба да се одржи кон крајот на месецот, да не успее.
Инаку, за прв пат во последните 14 години американски секретар за одбрана се наоѓа во посета на Македонија. На 30 септември оваа година, граѓаните на Македонија ќе излезат на референдум којшто е дел од спроведувњето на Договорот меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и за отварање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).