СКОПЈЕ (АА) - Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска се одржа научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
На научната расправа присуствуваа премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, актуелни и поранешни државни функционери, научници, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, говореше за економските придобивки на Република Македонија од Договорот со Република Грција за решавање на разликите за името и од интензивирањето на евро-атланските процеси.
Академик Фити рече дека денешната научна расправа е во рамките на континуираниот напор на МАНУ да го даде својот полн придонес во процесот на изградба на Балканот како подрачје на мир, стабилност и просперитет.
„Република Македонија, со прифаќањето на Договорот со Грција и спроведувањето на обврските што од него произлегуваат, има историска шанса. Прво, трајно да ја осигура неповредливоста на своите граници и на својот територијален интегритет. Второ, трајно да ги осигура и зацементира своите идентитетски прашања и атрибути. Трето, забрзано да чекори кон полноправно членство во ЕУ, со што се отвораат перспективи за изградба на Македонија како демократско, економски просперитетно и мултикултурно општество. Четврто, да ја интензивира економската, научната соработка и соработката во доменот на културата со Република Грција", смета академик Фити.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, рече дека денешната научна дебата е можност која доаѓа во клучно време да се даде придонес на темата за Договорот од Преспа, на меѓународното значење, како и на импликациите врз евроатланските интеграции на Македонија.
„На референдумот на 30 септември, граѓаните на нашата земја, ќе имаат можност, секој според својата сопствена одлука, да ги потврди промените што ќе ја одредат иднината на нашата земја. Иднината на сигурност, благосостојба и безбедност на сите наши граѓани“, рече Заев.
Тој додаде дека доколку не се надминеше спорот за името со Грција, вратата за членство на земјата во ЕУ ќе останеше затворена, но истакна дека граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдумот на 30 септември, изразувајќи верба дека тие ќе го донесат вистинскиот избор.
За политичкиот контекст во кој се потпишува Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, говореше вицепремиерот во Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи. Тој истакна дека во смисла на етничкиот, религиозниот и културниот диверзитет, Македонија е Балкан во мало, како и тоа дека земјата ја има најдено специфичната формула како да биде мултиетничка демократија.
„Сметам дека тој модел го поставуваат два договора потпишани во една иста година. Тоа е Спогодбата за стабилизација и асоцијација и Охридскиот рамковен договор кои стануваат кохезивен фактор на општеството и создаваат супраетнички наратив кој го прави овој модел комплетен и функционален“, истакна Османи.
Според него, Договорот за решавање на спорот за името е предуслов за силен напредок на државата, гаранција за границите, стабилност за мирот и економскиот развој, но и за зацврстување на идентитетот на сите етнички заедници.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, рече дека кога се оценува Договорот за решавањето на спорот за името, мора да се има предвид контекстот, истакнувајќи дека Европа во последната година покажува сигнали на интерес за Балканот, што е нешто што мора да се искористи.
Министерот Димитров додаде и дека во регионот постојат прашања кои можат да создадат нова нестабилност.
„Сведоци сме последните денови за што се разговара во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Наша задача и одговорност е Македонија да ја извлечеме таа несигурност и да го поминеме тој праг, а патот што го баравме 27 години е патот утврден со Договорот од Преспа. Не можеме да одиме напред во НАТО и во ЕУ, ако не сме пријатели со државите што се веќе внатре. Нема друг начин“, заклучи Димитров.
На вториот дел од расправата „Толкување на спогодбата и нејзините импликации“, обраќања имаа академици, професори, а во салата влегоа и претставници на иницијативата „Бојкотирам“, кои сметаат дека претстојниот референдум треба да се бојкотира, бидејќи според нивното мислење, Договорот за решавање на спорот за името е во спротивност со националните интереси на државата.