Zülfiya Yakup
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Косово и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија потпишаа договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за внатрешни работи на Косово, Екрем Мустафа, оствари средба со министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски. На оваа средба беше разговарано за меѓусебната соработка во однос на безбедноста на двете земји. За време на средбата се дискутираше за прекуграничната соработка меѓу двете институции во борбата против организираниот криминал, тероризмот и особено за протоколот меѓу двете земји за спроведување контрола на границите во железничкиот сообраќај (Елез Хан/Блаце).
„Во рамките на овој состанок, косовското и македонското МВР потпишаа договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Косово. Овој договор беше потпишан од страна на косовскиот министер за внатрешни работи, Екрем Мустафа, и неговиот колега од Македонија, Оливер Спасовски.
На оваа свеченост, исто така, беше потпишан Меморандум за зајакнување на соработката во внатрешната контрола. По тој повод, министерот Мустафа истакнал дека оваа соработка треба да се гледа не само во интерес на двете земји, туку и на севкупната безбедност на целиот регион.
„Постојат одредени сегменти во коишто нашите министерства за внатрешни работи можат да направат повеќе за нашите граѓани, токму со помош на договорите и меморандумите, како што се оние кои ги потпишавме денес“, рече косовскиот министер Мустафа.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, нагласи дека ова е многу важен чин, од кој голема корист ќе имаат граѓаните на двете земји.
„Овој процес почна многу порано и ќе продолжиме со новото поглавје. Тоа е чин што ќе им донесе поголемо олеснување на граѓаните на двете држави. Во остварувањето на ова право, веруваме дека овој чекор ќе ја подобри соработката меѓу нашите две земји“, рече Спасовски.