Bojana Stojanovic
28 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Словенечкиот претседател, Борут Пахор, на деловниот форум „Србија - Словенија“ во Белград изјави дека политичарите мора да сторат сè за да обезбедат работење во југоисточниот дел на Европа што ќе биде ефективно, јавува Anadolu Agency (AA).
„Одлучивме не само да ја зајакнуваме билатералната соработка, туку да сториме сè што е во наша моќ за да обезбедиме мир и безбедност, а на тој начин и соодветна средина за работење“, изјави Пахор.
Тој наведе и дека не е уверен дека Западен Балкан мора да биде простор на конфликти што не може да се надминат.
Како што додаде, Словенија е важен инвеститор за Србија и обратно, поради што е важно двете влади да работат на унапредување на политичките односи за да обезбедат правна сигурност и успешна деловна политика на претпријатијата кои соработуваат.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, ги повика словенечките бизнисмени што повеќе да вложуваат во Србија, каде што можат да имаат добри услови за работење, но и бизнисмените од Србија да инвестираат во Словенија.
„Тука сте добредојдени, бидејќи Србите и Словенците заемно чувствуваат блискост и пријателство. Добредојдени се и вашите пари и тука можете да добиете повеќе отколку во некои други земји во регионот“, им порача претседателот на Србија на словенечките бизнисмени.
Тој истакна и дека 1.600 компании од Словенија инвестирале во Србија и дека очекува во идинина да има уште повеќе, и дека трговската размена на двете земји ќе продолжи да расте.
На деловниот форум учествуваат 600 учесници и повеќе од 400 словенечки и српски компании, а најмногу компании има од ИТ-секторот и туризмот, но и фирми од прехранбената и металската индустрија.
Вкупната стокова размена на двете земји достигна 1,3 милијарди евра.