Zylfije Adem Jakupi
16 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави во Приштина дека очекува процесот на дијалог да биде успешен и завршен со правно обврзувачки договор кој ќе биде прифатлив за двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лајчак по пристигнувањето во тридневната посета на Косово, прва откако ја презеде должноста специјален претставник за дијалог, најпрво се состана со претседателот на Косово, Хашим Тачи. На заедничката прес-конференција по состанокот, Лајчак изјави дека имал конкретен разговор со претседателот Тачи за плановите, идеите и методологиите на дијалог.
„Европската унија е многу сериозна во врска со овој процес и мојот мандат е да помогнам да постигнеме правно обврзувачки договор меѓу Косово и Србија кој ќе ги регулира сите односи меѓу тие две земји и кој ќе биде прифатлив за двете земји и за земјите од нивното опкружување. Очекувам процесот да биде успешен“, изјави Лајчак.
Тој истакна дека не знае дали и тој ќе биде дел од состанокот закажан за 27 јуни во Белата куќа од страна на американскиот претставник Ричард Гренел, но нагласи дека Европската унија соработувала многу тесно со САД и дека сето тоа е постигнато досега во дијалогот е направено во тесна соработка и комуникација со САД.
„Тоа е наша амбиција, да продолжиме на ист начин и да очекуваме соработка со САД“, рече Лајчак, додавајќи дека тој исто така ќе го посети Белград и се надева дека наскоро ќе биде организирана средба во Брисел.
Претседателот Тачи изјави дека Косово има само една иднина и алтернатива, а тоа е да биде дел од европското семејство. Тој рече дека Косово е благодарно на сите земји на ЕУ што го признале и дека очекува признание што е можно поскоро од останатите пет земји на ЕУ кои сè уште не го сториле тоа.
Тачи нагласи дека секој напор што води кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија е добредојден и тој сака да верува дека ќе има конкретни активности, бидејќи Брисел многу задоцни со визната либерализација.
„Овој процес треба да започне со визна либерализација и да се заврши што е можно поскоро, а не бесконечен процес, со взаемно признавање на државите Косово и Србија. Иднината на Косово е сигурна само ако е дел од конкретна европска перспектива, секако дека во тој правец блиско ќе соработуваме и со САД“, изјави Тачи.
Претставникот на ЕУ за дијалог по Тачи, се состана и со претседателката на косовското собрание, Вјоса Османи и премиерот Авдулах Хоти.
Лајчак состанокот со премиерот го оцени како продуктивен, потенцирајќи дека е задоволен што дијалогот е најважниот приоритет за Владата на Косово. Тој рече дека му испратил на Хоти покана да го посети Брисел и дека Европската унија е подготвена да помогне во отворањето на европската перспектива на Косово.
Хоти изјави дека Владата на Косово е посветена на дијалогот со Србија, кој ќе заврши со договор за взаемно признавање и отворање на европската перспектива на Косово.
„Овој договор е секако важен за граѓаните на Косово и Србија, но и за целиот регион и стабилноста на Европската унија. Јас сум многу задоволен од она што го слушнав од г-дин Лајчак, за посветеноста во овој процес во име на 27-те земји на ЕУ “, рече Хоти.
Дијалогот меѓу Косово и Србија беше прекинат во декември 2018 година, кога Владата на Косово предводена од поранешниот премиер Рамуш Харадинај воведе такси од 100 отсто на увозот на роба од Србија.